ДОМАШНИОТ СОНЧОГЛЕД СЕ ОДАНОЧУВА СО 10 ОТСТО КАКО ЛУКСУЗЕН ПРОИЗВОД, А СУРОВОТО МАСЛО СО ПОМАЛ ДАНОК ОД 5 ОТСТО ИАКО СЕ УВЕЗУВА, ПОПУСТИ БЕА РЕАКЦИИТЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ

    ДОМАШНИОТ СОНЧОГЛЕД СЕ ОДАНОЧУВА СО 10 ОТСТО КАКО ЛУКСУЗЕН ПРОИЗВОД, А СУРОВОТО МАСЛО СО ПОМАЛ ДАНОК ОД 5 ОТСТО ИАКО СЕ УВЕЗУВА, ПОПУСТИ БЕА РЕАКЦИИТЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕОдговарајќи на новинарско прашање, директорот на велешки „Кристал“, Горанчо Лазов рече дека не се очекува покачување на цената на маслото за јадење, бидејќи цената на светските берзи е стабилна. (архивска фотографија)

    Две години по покачувањето на ДДВ-то за сончогледот од 10 отсто, тоа сè уште не е намалено. Ова штетно влијае врз земјоделците-одгледувачи на оваа индустриска култура, како и врз работата на единствениот производител на масло за јадење преработено од сончоглед во земјава. За разлика од домашниот сончоглед, ДДВ-то на суровото масло кое се увезува изнесува само 5 отсто. Ова на прес-конференција го истакна Горан Лазов, директор на велешки „Кристал“, единствената фабрика за производство на масло за јадење од сончоглед во Македонија.

    „Претходната Влада воведе 10 отсто ДДВ на сончогледот како да е луксузен производ. Тој не е луксуз, туку потреба за добивање масло за јадење. И покрај апелите, сегашната Влада не го намалува овој данок. Од друга страна, државата бара намалување на цената на маслото за јадење – како тоа да се случи кога имаме зголемен данок? Суровото масло се третира со помал ДДВ, а домашното со повисок. Не можам да ја најдам логиката во ова. Ако целта на државата е да го наполни Буџетот, тогаш ДДВ-то треба да биде поставено обратно: повисоко за увоз на сурово масло, а помало за домашниот сончоглед. Така губат домашните земјоделци. Ова нема економска логика; се штити увозот (суровото масло), а домашниот производ (сончогледот) се оптоварува,“ изјави Лазов.

    Тој ги објави и бројките: лани за цела година биле увезени 30 илјади тони сурово масло, додека годинава, само за девет месеци, се увезени 23 илјади тони. Што се однесува до домашниот откуп, лани во фабриката биле предадени 4 илјади тони, а годинава 5 илјади тони сончоглед од земјоделците. Годинава, маслодајната индустрија, освен овие пет илјади тони сончоглед од македонските полиња, откупила и 2.300 тони од соседна Србија. Годинашната откупна цена е 31 денар по килограм, што е повисока од ланската.

    „Со години се обидуваме да го вратиме сончогледот по македонските полиња, но тешко оди. Иако земјоделците имаат сигурен откупувач во нас и обезбедуваме квалитетно семе, сончогледот не е привлечен за нив. Каде е проблемот, не можам да кажам. Сигурно е дека и надлежното Министерство за земјоделство треба да се ангажира околу оваа култура. Сончогледот е потребен за плодоред – наизменично засејување на исти земјишни површини со разни земјоделски култури заради подобар принос. Годинава имаше зголемена површина засеана со сончоглед, но помал род. Како и лани, така и годинава временските услови не беа поволни. Околу 80 отсто од обврските кон одгледувачите се исплатени, а до крајот на годинава ќе се исплатат и преостанатите 20 отсто,“ рече Лазов.

    Тој се обидел да откупува сончоглед и од северниот дел на јужниот сосед, нудејќи цена повисока од тамошната, но ниту еден грчки земјоделец не покажал интерес и покрај подобрата понуда.

    Земјоделците-одгледувачи на сончоглед од Македонија, кои минатата есен поради лошата и сушна година побараа државата финансиски да ги поддржи со по 5 до 7 денари за килограм, не добија одговор на ова барање од Министерството за земјоделство. За разлика од тоа, лани во февруари тогашната Влада позитивно одговори на истото барање и одобри по 5 денари за килограм сончоглед предаден на преработувач.

    Лазов се пофали дека годинава има значително зголемување на извозот на маргарин, и за домаќинствата и за индустријата, во соседна Србија. Откако две години имаше забрана за увоз во таа држава, годинава тој е дозволен. Од 225 тони лани, извозот за 11 месеци оваа година пораснал на 715 тони.
    Одговарајќи на новинарско прашање, директорот Лазов истакна дека не се очекува покачување на цената на маслото за јадење, бидејќи цената на светските берзи е стабилна.

    „Повисока цена на маслото за јадење може да има напролет, сега-засега ќе биде стабилна,“ вели Лазов.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира