Поради административни причини, доцни отстранувањето на троската близу Велес, што новиот сопственик „Кепс монт груп“ уште во октомври најави дека ќе почне во април годинава. Инвеститорот ја посочува вината до надлежните од Министерството за животна средина.
„Од 6 декември ни е поднесена документацијата за писмото за намери, со кое ја започнавме постапката. Дури по четири месеци се случува јавната расправа во Велес. Мора да побрзаме, оти и Малезија, каде треба да се префрли згурата, ги затвора вратите. Но, ние сме обезбедени, имаме потпишано договор, со чија реализација доцниме“, кажа Љупчо Аврамовски од консултантската куќа, која ја изработи студијата за оцена на влијанието врз животната средина.
Со неа, „Кепс монт груп“ треба да добие дозвола за економска експлоатација на троската. Аврамовски верува дека ако државните институции работат со оптимални рокови, првите камиони натоварени со згура треба да тргнат од Велес кон Солунското пристаниште во средината на јуни.
„Испитувањата покажаа дека во депонијата нема радиоактивност, ниту чисти метали штетни по околината, туку и оловото, цинкот и железото се во соединенија, во оксиди. Потоа, потврдено е истражувањето на шпанската ‘Ептиса‘ од 2007 дека депонијата не е опасен отпад“, додаде Аврамовски.
Планот е згурата да се изнесува со камиони 24 часа секој ден. Оваа информација предизвика дискусија, оти се појави дилемата зошто не се користи далеку поевтиниот и еколошки почист железнички превоз.
„Знам дека до самата депонија и во кругот на Топилницата има индустриски колосек. Тој треба да се искористи, оти патиштата и мостовите ќе бидат сериозно оптоварени со оваа фреквенција на камиони, натоварени со 40 тона згура“, рече Златко Панчевски, д-р на науки, екологист и поранешен вработен во Топилницата.
Аврамовски објасни дека и тие сакале да го користат железничкиот превоз.
„Еколошки и економски, железницата ни е подобро решение, но не успеавме да ги контактираме сопствениците“, рече Аврамовски.
Како обврска од планот за работа, ќе се исчисти почвата под депонијата со ремедијација, ќе се донесе хумус и ќе се засадат трева и маслодајна репка.
Останува рокот ридот на влезот во Велес да исчезне за четири години. „Кепс монт груп“ се пофали дека досега работеле на слични депонии во Србија, Албанија и Косово. Ридот е резултат на тридецениската работа на Топилницата и е тежок 1,8 милиони тони.
П. ПЕЧКОВ