ЈП „Паркови зеленило“ направи нова сеча на дрвја во Градски парк. На возилата и на работниците не им пречеа заледените патеки до паркот ниту пак снегот. Исекоа неколку дрвја, ги собраа трупците и си заминаа. Зад нив останаа расфрлани гранки околу корењата на дрвјата и пожолтен снег од сечата.
„Паркови“ денес, по инсистирање на медиумите, соопшти дека минатата недела во Градскиот парк 2 се исечени пет тополи и три суви дрвја, платан, липа и јасен. Директорот Душан Авировиќ појасни дека сечата е поради повеќекратната штетност што ја прават тополите и сувите дрвја и поради потребата од дрвна маса за загревање на пролетниот расад цвеќиња кое се врши со дрвјата што Јавното претпријатие ги сече во Скопје, а не подлежат на издавање каков било документ за нивно отстранување.
„Во текот на оваа недела ќе продолжиме исклучиво со сечење на тополи и суви дрвја, за кои не е потребна никаква документација, појасни Авировиќ и додаде дека со Градот се договориле при секоја акција на ’Паркови и зеленило’ да има претставник од Секторот за комунални работи при Град Скопје. Во изминатите осум години во Град Скопје се исечени 800 тополи, а во урбаниот дел се останати уште 70, кои пак се вметнати во програмата за отстранување во 2017 година“, рече Авировиќ.
Покрај сечата, Авриовиќ нагласи дека годинава е предвидено засадување на 4.040 високо квалитетни садници од увоз. Тие ќе бидат засадени во урбаните средини, а се подготвува посебна програма за пошумување на парк шумата Водно и паркот на природата Гази Баба.
Авировиќ потсети дека претпријатието трпи големи штети од деградираните дрвја. „Доколку некое дрво падне врз некое возило и тоа е означено за сеча, целокупната штета паѓа на товар на Јавното претпријатие“, рече Авировиќ. Минатата година Јавното претпријатие исплатило 960 илјади денари обесштетување за паднати дрвја врз возила.