Авантуристот и туристички водич Спасе Манев ја објави книгата „Патувања низ Македонија“ во која преку фотографии и текстови опишува 50-тина места како можни туристички дестинации за посета. Станува збор за не толку познати и афирмирани локации со културно-историски и природни знаменитости кои Манев ги има посетено последниве неколку години и со својот апарат ги има фотографирано.
Како што вели тој, опфатени се археолошки локалитети, споменици на природата, верски и културни споменици кои со својата градба пленат, а се познати само за локалното население, но не и за пошироката јавност, а камоли да бидат ставени во некоја туристичка понуда.
,,За жал, недоволно си ги познаваме местата во Македонија, а уште помалку ги посетуваме. Местата како што се Кокино, Цоцев Камен, Камените кукли Куклица, многуте пештери од кои би ја издвоил Пешна кај Македонски брод се ретко посетувани. Имаме голем број водопади, а освен познатите ги имаме и не толку познатите Кочулски водопади кај Валандово, Пехчевските, водопади Камењане, Џуџевски, Син Вир, Беловишки и многу други. Како не толку познати би ги издвоил подземните тунели во Кратово, топлите вирови на Дошница, но и други локации се многу слабо посетени во државата. Многу од граѓаните и не ги знаат овие места каде се наоѓаат, а камоли да одат иако имаат потенцијал да станат туристичка атракција“, вели Манев кој тврди дека во државата познати се само 30 отсто од можните локации за посети.
Во својата книга ,,Патувања низ Македонија“ тој дава како предлог места и локации за посети и прошетки и во Југоистокот. Според него, овој регион изобилува со одлична природа и населени места кои кријат богата историја. Дел како што вели се лесно достапни, но има многу локации кои не се толку афирмирани. Смета дека малите места кријат далеку поинтересни нешта отколку големите урбани средини.
,,Во Југоистокот има многу села кои не се посетуваат но се со огромен потенцијал за туристичка атракција. Такви се селата Петрово, Конче, Серменин, Стојаково, Николиќ, Вељуса, струмичко Ново Село. Во сите од нив има стари цркви, археолошки локалитети, споменици на природата, културни знаменитости. Само треба да се посетат и да се праша локалното население за нив, тие ќе ги пренесат сите приказни за нив“, вели Манев.
Овој млад туристички водич смета дека државата и општините треба да се фокусираат на промоција и да ги оживеат овие не толку познати места во јавноста и да ги стават во туристичката понуда. Сугерира дека треба да се најде модел да се дотераат тие места и ангажира чувар, но и локален водич.
,,Македонија има голем потенцијал да стане топ туристичка дестинација на Балканот. Имаме многу места кои не се средени, добар пристап, немаат инфо табли како да се стигне до нив. Институциите односно државата и општините треба да помогнат за оживување на тие места што не се атрактивни и посетени. Треба вложување и ангажирање на лица кои ќе се грижат за тие места но и да бидат локални водичи. Веќе одамна во многу европски држави турстичките места функционираат со локален водич и чувар.
Само треба нивно уредување и промоција па освен домашните ќе станат мета и на странски посетители“, смета Манев.
Тој за Велигденските празници како дестинации за посети ги предложи Манастирскиот комплекс Св. Наум, изворите на реката Црн Дрим и пештерата Пешна кај Македонски Брод.
В. ТРАЈКОВ