Дуќаните и угостителските објекти низ охридската чаршија, како и на плоштадот Св. Климент Охридски добија унифицирани рекламни табли изработени од дрво и ковано железо кои за првпат го содржат називот на македонско кирилско писмо и англиска транскрипција на латиница.
Тие се поставуваат согласно програмата за развој на туризмот и донесените Правилник и Kаталог за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема. Во рамките на проектот, минатата година се поставија 74 информативни табли во Стариот дел на градот. Од Општината велат дека следната година се предвидува да бидат опфатени уште 120 објекти – ресторани, кафетерии, трговски и занаетчиски дуќани, со што ќе се заокружи овој дел од старото градско јадро. Понатаму ќе следува Старата чаршија, за која исто така ќе биде избрано визуелно решение согласно Правилникот и Каталогот.
Сопствениците на дуќаните, задоволни од унифицираноста на рекламните табли, велат дека е потребно по боја и изглед да се унифицираат и тендите и канделабрите.
„Сите чекори на локалната власт во овој проект претходно беа дискутирани и усогласени со широката заедница на корисници на јавни трибини и меѓусебни консултации. Претставниците, сопствениците и корисниците на деловните простори, дуќанџии, занаетчии, угостители заеднички ги креираа идните чекори во координација со општинскиот проектен тим, па дури потоа се спроведуваа процедурите на набавка и поставување на опремата“, велат од Општината.
Проектот се спроведува со одобрение на Управата за заштита на културното наследство, а во согласност со Стратегискиот план за рехабилитација на светското културно наследство на Охридскиот Регион и препораките на мониторинг мисиите на центарот за светско културно наследство на УНЕСКО.
С. ВРЕНЦОВСКА