ДВАЈЦА ОД НОВОПРИМЕНИТЕ ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ ВО ВЕЛЕШКАТА КАСАРНА ЗАРАЗЕНИ СО ШУГА

    ДВАЈЦА ОД НОВОПРИМЕНИТЕ ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ ВО ВЕЛЕШКАТА КАСАРНА ЗАРАЗЕНИ СО ШУГАШуга во велешката касарна се појави и во ноември 2019, кога бил откриен еден случај (Фото: СДК.МК)

    Двајца професионални војници од велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ се зарезени со шуга, потврдија од АРМ и Министерството за одбрана. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.

    Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
    „Сместувањето на војниците е регулирано согласно правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката се обезбедени соодветни услови за сместување, престој и работа, во согласност со армиските стандарди. Пред сместувањето на персоналот извршена е комплетна дезинфекција на просториите, а на користење се дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња. Капењето на војниците е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови“, пишува во заедничкото соопштение на Министерството за одбрана и АРМ.

    Потсетуваат дека во велешката касарна досега се реализирани прием и сместување на повеќе класи на новопримени професионални војници, со бројка поголема од актуелните 300 лица, како и најголемата ситуациска вежба „Seven Stars 2025” со учество на над 150 домашни и странски претставници. Во ниту еден од овие случаи и не била евидентирана појава на шуга.

    Шугата претставува инфективно, паразитарно заболување со карактеристични кожни промени и силно изразен јадеж. Периодот на инкубација, според Институтот за јавно здравје, е четири седмици. Сите 296 професионални војници по положената заклетва на 16 јануари заминаа дома на продолжен викенд до 19 јануари. И овој викенд, сите 294 професионални војници се дома, како и двете заразени лица.

    Шуга во велешката касарна се појави и во ноември 2019. Тогаш од Министерството за одбрана соопштија дека имало еден случај, војник кој дошол доброволно да служи воен рок и дека тогаш шугата не потекнувала од касарната.

    Според податоците на Институтот за јавно здравје, во текот на 2024 регистрирани се 493 заболени лица, a во 2023 – 337 заболени.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира