Две лица загинаа во собраќајна несреќа на експресниот пат Штип-Кочани во близина на селото Тркање. Тешката сообраќајна несреќа се случи попладнево околу 14 часот, СВР Штип заедно со истражна екипа од Основното јавно обвинителество извршија увид на самото место.
Според полицијата, се судриле „пежо“ и „фолксваген“ при што едно од возилото се запалило, а двајцата возачи починале на самото место. Интервенирале и противпожарните единици. Истражните екипи ги утврдуваат причините на несреќата.
На овој експресен, пат кој е во функција од 2022, во првата половина на 2024 се случија 9 сообраќајни несреќи во кои загинале пет лица, а 20-тина се тешко или полесно повредени. Една од потешките несреќи на овој пат се случи пред неполна година, кога во близина на ТИР зоната кај Штип во директен судир на две возила загинаа две лица.
Иако од МВР велат дека сообраќајните контроли зачестиле, сепак се смета дека главна причина за ваквиот биланс е пребрзото возење и покрај тоа што има уредна сигнализација со ограничување на брзината.
Т. ЈОВАНОВСКИ