ДВЕ ГОДИНИ МАКЕДОНИЈА НЕ НАПРЕДУВА ВО ЕУ СТАНДАРДИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ВЕЛАТ ЕКОЛОШКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА

    ДВЕ ГОДИНИ МАКЕДОНИЈА НЕ НАПРЕДУВА ВО ЕУ СТАНДАРДИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, ВЕЛАТ ЕКОЛОШКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈАКлучните Закони за води, за природа, Климатска акција и нови заштитени подрачја со години се заглавени во системот, вели извештајот насловен „Напредок во место“. (Фото: СДК.МК)

    Македонија стагнира во приближувањето кон ЕУ стандардите за животна средина и климатски промени. Ова е констатација во четвртиот „Извештај во сенка за Поглавје 27“ од Платформа 27, за периодот 2024-2025. Тој се однесува на 2 години, на периодот од почетокот на 2024  до крајот на ноември 2025  и насловен е „Напредок во место“. Анализата покажува минимален или никаков напредок во клучните сектори.

    Во извештајот е констатирано дека клучните Закони за води, за природа, Климатска акција и нови заштитени подрачја со години се заглавени во системот. Загадувањето со ПМ10 и високо штетните ПМ2.5 честички останува над европските граници, а Македонија е далеку од исполнување на новите, построги ЕУ стандарди. Дел од заклучоците се: oтпадот сѐ уште се одложува на нестандардни депонии, селекцијата и рециклирањето се минимални, ниту едно ново заштитено подрачје не е прогласено, процесите за Белчишко Блато, Студенчишко Блато и Националнот парк „Маврово“ се незавршени.

    „Периодот од последниот извештај во сенка – 2023 година, па сѐ до крајот на 2025 не го одбележа значаен напредок во Поглавје 27. Во однос на усогласувањето на законодавството, освен напредок во усогласувањето во подпоглавјето Индустриско загадување и управување со ризик каде во септември беше усвоен новиот Закон за контрола на индустриски емисии, во сите други подпоглавја ситуацијата стагнира. Па така на пример, предлог Законот за води, предлог Законот за природа, предлог Законот за климатска акција се изработени одамна и процесите за нивно усвојување сеуште чекаат финализација. Исто така одамна се во постапка и законите за прогласување на Белчишко Блато за Парк на природата, постапката за Студенчишко Блато за прогласување на Парк на природа и постапката за репрогласување на Национален парк ‘Маврово’“, вели извештајот на Центарот за климатски промени (ЦКП).

    Извештајот е изработен од Платформа 27, неформална мрежа на повеќе од 20 организации што работат на полето на заштита на животната средина и климатските промени, која се формираше во 2020.

    „Периодот 2024–2025 е период на напредок во место. Државата не прави значајни чекори кон исполнување на европските стандарди, а последиците ги чувствуваат граѓаните, природата и здравствениот систем“, вели извештајот.

    За поместување на работите, граѓанскиот сектор од животната средина бара  итно усвојување на заглавените закони од Поглавје 27, инвестиции во пречистителни станици и регионални центри за отпад, зајакнување на инспекцискиот надзор и институционалните капацитети.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира