ЕКСДИРЕКТОРИ И ПАРТИСКИ АКТИВИСТИ ВЛЕГОА ВО РАКОВОДНИТЕ ТЕЛА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО БИТОЛА, ОПОЗИЦИЈАТА КРИТИКУВА ДЕКА МАВТАЊЕТО ЗНАМИЊА Е ПОВАЖНО ОД СТРУЧНОСТА

    ЕКСДИРЕКТОРИ И ПАРТИСКИ АКТИВИСТИ ВЛЕГОА ВО РАКОВОДНИТЕ ТЕЛА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО БИТОЛА, ОПОЗИЦИЈАТА КРИТИКУВА ДЕКА МАВТАЊЕТО ЗНАМИЊА Е ПОВАЖНО ОД СТРУЧНОСТАОпозицијата во Советот критикува дека новите управни и надзорни одбори (УО, НО) не се избрани по компетентност, туку по партиска подобност. (Фото: СДК.МК)

    Поранешен директор на „Комуналец“ поставен за член на Надзорниот одбор на „Нискоградба“. Ексдиректорка на дом за стари лица е именувана во Управниот одбор на „Комуналец“. Брачни партнери на поранешни директори од времето на ВМРО-ДПМНЕ го поминаа процесот на селекција и влегоа во раководните тела на јавните претпријатија во Битола. Голем дел од членовите избрани на вчерашната седница на Советот се членови или симпатизери на владејачката партија, а на нивните профили на социјалните мрежи имаат слогани од последните локални избори и фотографии со партиски функционери.

    Изборот беше спроведен според последните измени на Законот за јавни претпријатија, преку јавен повик, рангирање, селекција и интервјуа. Измените беа донесени во 2024 година со цел квалитетот, а не партиските влијанија, да биде пресуден при изборот на раководните тела.

    Опозицијата во Советот критикува дека новите управни и надзорни одбори (УО, НО) не се избрани по компетентност, туку по партиска подобност.

    „Која стручност ја има специјалист за интензивна нега во Управниот одбор на ‘Паркинзи’? Но, од друга страна, кога ќе размислам со овие цени што ги ставивте за паркирање, можеби ќе ни треба и специјалист за интензивна нега за да ни ги смири страстите и болката. Џабе е и законот што се смени, сѐ оди по заслуга и мавтање знамиња“, рече Иван Чулакоски од „Поинаку“.

    Драги Крстев од НСДП кажа дека во постапката има сериозни процедурални недостатоци и отстапувања од Законот за јавни претпријатија и Правилникот.

    „Од доставените листи може да се види дека се предлагаат кандидати со помалку бодови од другите на листата. Комисијата е должна да направи ранг-листа на најдобро рангирани кандидати врз основа на освоените бодови и да води записник за текот на постапката, што не може да се утврди од доставените материјали. Не може да се види ниту кои стручни прашања им биле поставени за време на интервјуата“, рече Крстев.

    Љубе Никлески, претседател на Комисијата за мандатни прашања и советник од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека нема отстапувања во бодувањето и Законот. Александар Цветановски од „Подем“, дел од советничкото мнозинство, изјави дека изборот е спроведен професионално, до степен што со огласот за избор на членови, Битола го доби приматот на најтранспарентна општина во државата.

    „Со овој чекор, колку и да го негираме, се движиме кон одговорно, отчетно и транспарентно управување. Овој процес значи дека им даваме можност на стручни, чесни и мотивирани граѓани да се вклучат во управувањето со институциите. Процедурите беа јасни, критериумите објавени и секој имаше еднаква можност да аплицира. Вака се гради довербата на граѓаните кон институциите“, рече Цветановски.

    Новите управни и надзорни одбори ќе имаат одговорна задача да помогнат во подобрувањето на финансиската состојба на јавните претпријатија, од кои половината ја завршија 2024 година со вкупна загуба од 150 милиони денари (околу 2,4 милиони евра).

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира