ФАБРИКА ЗА КОМУНАЛЕН ОТПАД И ЦЕНТАР ЗА БЕЗДОМНИ КУЧИЊА, ПРИОРИТЕТ ЗА ОПШТИНИТЕ ОД ВАРДАРСКИОТ РЕГИОН

    ФАБРИКА ЗА КОМУНАЛЕН ОТПАД И ЦЕНТАР ЗА БЕЗДОМНИ КУЧИЊА, ПРИОРИТЕТ ЗА ОПШТИНИТЕ ОД ВАРДАРСКИОТ РЕГИОНВо Вардарски плански регион влегуваат општините Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Лозово, Чашка, Росоман, Градско и Демир Капија (Фото: СДК.МК)

    Изградба на регионална фабрика за третман на цврст комунален отпад и изградба на регионален центар за третман на бездомни кучиња, се двата приоритета кои ги поставија градоначалниците од Вардарскиот регион, на конститутивната седница. Нов претседател на Советот за развој на Вардарскиот регион е градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, за кого едногласно дадоа поддрша градоначалниците од девет општини кои се дел од овој плански регион. Тие рекоа дека поддршката претседател да биде Коцевски ја дале поради неговото досегашно искуство и поради тоа што седиштето на Центарот за развој е во Велес.

    Во Вардарски плански регион влегуваат општините Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Лозово, Чашка, Росоман, Градско и Демир Капија.

    „Пред нас општините од регионот е период во кој треба многу да се работи за подобрување на животот за сите граѓани. Како приоритети кои треба да се решат во наредниот период се изградба на регионална фабрика за третман на цврст комунален отпад со неколку претоварни станици и регионален центар за третман на бездомни кучиња, проблем со кој се соочуваат сите општини“, рече Коцевски.

    Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлевски, кој присуствуваше на конститутивната седница, рече дека е почнат процес за редефинирање на блок дотациите со кои се финансираат општините.
    „Редефинирањето се прави со зголемување на досегашните 4,5 отсто од ДДВ, кои ги добиваа локалните власти, за во иднина да се издвојуваат по шест проценти. Планираме да се издвојуваат повеќе средства за рамномерен регионален развој, како и за прекуграничната соработка“, рече Павлевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира