Битола конечно дочека да се почне со реализација на проект за изградба на прочистителна станица, рехабилитација и проширување на канализационата мрежа, а советниците од локалната власт и опозицијата се скараа чиј е проектот.
Од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Советот тврдеа дека тие го почнале проектот преку изработка на физибилити студија уште пред неколку години, а од локалното мнозинство, предводено од СДСМ, дека на терен не е ништо изградено и дека со ова започнуваат нивните предизборни ветувања на проекти од областа на канализационата мрежа.
„Крајно несериозно е проекти кои наназад ги работеше ВМРО-ДПМНЕ да ги претставувате како да се ваши. Не може проект кој започнал со одлука на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и стигнал до една денешна фаза на реализација, во која учествуваше претходната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ, да го прикажуваат како нивни“, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Борче Корлевски, советник од СДСМ, возврати:
„Колегите од опозицијата сега се разбудија, а минатиот период, во два мандата го ветуваа проектот за прочистителна станица, а не го изработија. Физибилити студијата беше завршена во 2012 година, а се чекаше потврда од Владата и претходниот Совет не ја изгласа одлуката“.
Проектот ќе чини 30 милиони евра, од кои 20 се обезбедени преку ИПА фондовите, а останатите од Владата на Република Македонија. Станицата ќе ги опфаќа отпадните води од целиот град, индустриската зона и од населените места Горно и Долно Оризари и Кравари. Ќе се решат проблемите со канализационата мрежа во целиот град, а ќе понуди и трајно решение за загадување на водите во реката Драгор и во Петтиот канал.
Како нус продукт од функционирањето на оваа станица ќе се добива биомаса, која може да се користи и за рекултивација на јаловината од РЕК. До март следната година, треба да заврши експропријација на земјиштето, а потоа објавување на тендер, избор на најдобар изведувач и потпишување на договор. Во 2019 и 2020 година е предвидена изградба на станицата и на канализационата мрежа, а во 2021 година сѐ да биде ставено во функција.
„Мислам дека треба да се заврши со ова препукување ‘ние го почнавме, ние го довршуваме‘. Еднаш да се согласиме дека е добар проект за Битола“, им порача на власта и на опозицијата, советникот од независната иницијатива „Поинаку“, Иван Чулакоски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА