ФЕКАЛНИ БАКТЕРИИ НАЈДЕНИ ВО МУСАКАТА И ВО ТРИ ЧЕШМИ ВО ШКОЛОТО „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ“, КАДЕ СЕ ЗАТРУЈА 40 ДЕЦА

    ФЕКАЛНИ БАКТЕРИИ НАЈДЕНИ ВО МУСАКАТА И ВО ТРИ ЧЕШМИ ВО ШКОЛОТО „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ“, КАДЕ СЕ ЗАТРУЈА 40 ДЕЦАВо ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае на 26 ноември голем број ученици се пожалија на стомачни тегоби. (Фото: Општина Карпош)

    Грам негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae, фекални бактерии се најдени во примерок од мусаката која се служела во прва смена во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае, а исто така се пронајдени и на три чешми во училиштето, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

    „-Бројот на земени примероци и пристигнати материјали е екстензивен, и материјали за анализа сѐ уште пристигнуваат“, велат од ИЈЗ.

    Во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае на 26 ноември голем број ученици се пожалија на стомачни тегоби. Надлежните институции соопштија дека од кујната на основното училиште се земени мостри од храна, вода, брисеви од површини и вработени, кои се очекува да бидат познати во текот на денешниот ден.

    „Водовод и канализација“ Скопје денес претходно соопшти дека водата во „Димо Хаџи Димов“ е санитарно исправна и истата оже непречено да се употребува.

    „На ден 26.11.2025 година ‘Водовод и канализација’ изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ ‘Димо Хаџи Димов’, општина Карпош. Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.

    Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“, велат од јавното претпријатие.

    Инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ ) вчера спроведуваа вонредни инспекциски контроли во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магазин кој се наоѓа во Основното училиште „ Димо Хаџи Димов“, се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна.

    Станува збор за операторот со храна „Ванила фуд“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира