ФИЛМОТ ЗА МОНАШКИОТ ЖИВОТ НА СВЕТА ГОРА „КАДЕ СИ АДАМЕ?“ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ОХРИД, ПРОЕКЦИИ ЌЕ ИМА И ВО ДРУГИ ГРАДОВИ

    ФИЛМОТ ЗА МОНАШКИОТ ЖИВОТ НА СВЕТА ГОРА „КАДЕ СИ АДАМЕ?“ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ОХРИД, ПРОЕКЦИИ ЌЕ ИМА И ВО ДРУГИ ГРАДОВИАвторите велат дека филмот кај секој гледач ќе поттикне размислување за неговиот живот (Фото: СДК.МК) 

    Филмот за животот на монасите на Света Гора насловен „Каде си Адаме?“, кој се снимал четири години на Атос, Грција, вечерва првпат ќе се прикаже во Охрид. Филмот полн со автентични ликови зборува за љубовта кон Бог, тагата, среќата и доживувањата.

    Авторот на филмот, украинскиот продуцент и ѓакон Александар Плиска, вели дека е воодушевен од убавините на благословениот Охрид. Тој најавува дека филмот кај секој гледач ќе поттикне размислување за неговиот живот.

    „Во сцените главно се Грци, но гледачот по 30 минути не мисли на актерите, туку размислува за својот живот, за родителите, децата. Овој филм остава многу силни впечатоци кај публиката. Ги поттикнува основните прашања кај човекот: каде се наоѓам, каде живеам, какви се моите односи кон семејството и пријателите. Секој гледач лично, на свој начин го доживува херојот на филмот. Секој гледач откако ќе го изгледа филмот се чувствува слободно“, вели Плиска.

    Режисерот Александар Запорошченко кога почнал со снимањето на филмот сфатил дека монасите не одат по површината на водата, ниту лебдат во воздухот. Тие се луѓе од крв и месо, кои водат испоснички и тивок живот. Главниот јунак во филмот е игуман на манастирот, ведриот и харизматичен старец Григориј, кој со долгогодишното монашко искуство има длабоко разбирање на човековата душа и на нејзината желба да се врати во состојбата својствена на прачовекот Адам.

    „Филмот ќе се емитува во само неколку градови во државата и среќни сме што Охрид е меѓу нив. Картите се продадоа за само 2-3 дена. На охриѓани очигледно им недостасуваат филмови од духовен карактер“, истакна организаторката Летка Филипова.

    „Каде си Адаме?“ учествувал на неколку филмски фестивали посветени на христијанската култура, како во Киев, Торонто, Краков и Зајечар.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира