ФИРМАТА „ЛА ТЕРАЦА“ ГО ДОБИ ПОД КОНЦЕСИЈА МАКЕДОНСКО СЕЛО ВРЕДНО НАД 6 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА 3.500 ЕВРА МЕСЕЧНА КИРИЈА

    ФИРМАТА „ЛА ТЕРАЦА“ ГО ДОБИ ПОД КОНЦЕСИЈА МАКЕДОНСКО СЕЛО ВРЕДНО НАД 6 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА 3.500 ЕВРА МЕСЕЧНА КИРИЈАКомплексот треба да биде отворен на 1 јуни годинава. (Фото: СДК.МК)

    Фирмата „Ла тераца“ за месечна кирија од 3.500 евра го доби под концесија комплексот Македонско село во Горно Нерези. Толку плаќаше и претходниот закупец хотел „Квинс“ и „Тинекс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, кои во јануари 2016 го добија под концесија од 20 години, но во октомври 2018 престанаа со работа бидејќи, како што соопштија, работеле со загуба и во договорот дека имало таква опција за раскинување.

    Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски вели дека закупецот е избран на законски и транспарентен начин, по пат на електронско јавно наддавање преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии.

    „Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на комплексот за почеток со работа од 1 јуни годинава“, вели Томовски.

    На нашето прашање дали закупецот може да се откаже од стопанисување на Македонско село како што тоа го направи претходниот закупец и ако тоа го стори дали ќе плаќа пенали, Томовски вели дека според договорот има банкарска гаранција.

    „Банкарската гаранција е 5 отсто од вкупната сума за закуп за 15 година. Доколку се откажат се активира банкарската гаранција“, вели Томовски.

    Изградбата на Македонско село почна во 2011, во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. Има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.

    Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра. Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување. Трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото чинеа 24.000 евра, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, а  2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира