Во Велес засега е поднесена една независна листа, за која во тек е постапката за собирање на потребните 350 потписи за учество на локалните избори во октомври. Носител на листата е Гарп Мемиш. Тој објаснува дека целта му е за првпат во Велес да има член на Советот на Општина Велес од ромска националност.
„Сакам да се актуелизираат, но и да се решат горливите проблеми кои ги има ромската популација во Велес. Тука е социјалната и здравствената проблематика, инфраструктурата, патишта и водовод, во месности каде живеат Ромите. На листата има високообразовани Роми, кои треба да донесат нов живот за оваа популација“, кажа Мемиш кој е приватник и има сопствен бизнис.
Очекува дека до попладнево ќе ги собере потребните потписи.
Потписите се собираат во подрачната единица на ДИК во Велес. Ова е засега единствената листа, за која се собираат потписи. Тука можат да се поднесат и листи или кандидати за градоначалници за соседните општини Градско и Чашка.
П. ПЕЧКОВ