ГАЗДАТА НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН НЕ ГИ ПОЗНАВАЛ ГРАДЕЖНИЦИТЕ, ПРОТЕСТИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ

    ГАЗДАТА НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН НЕ ГИ ПОЗНАВАЛ ГРАДЕЖНИЦИТЕ, ПРОТЕСТИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ„Градилиштето не е обезбедено, ниту оградено па опасноста да падне нешто и да повреди некого е голема. За да го избегнат тоа, работниците го сопираат сообраќајот на по десетина минути“, велат соседите на хотелот. - Работник го регулира сообраќајот (Фото: СДК.МК)

    На градилиштето на нелегалниот хотел во Лагадин, додека охриѓани и туристите протестираа, се појави инвеститорот, Никола Толевски. Место да ги сопре градежните активности кои се забранети до крајот на август, како што очекуваа насобраните, тој рече дека немал никаква врска со работниците.

    „Не ги познавам овие што работат, што имам јас со нив. Дошле да си ја земат оплатата, нема да чекаат два месеци да поминат“, рече Толевски, не излегувајќи од џипот.

    Тој си замина, а кусо по него си заминаа и насобраните граѓани но блокадата на патот Охрид – Св. Наум продолжи. Патот го блокираат градежните работници кои ги вадат оплатите на хотелот.

    „На секои два часа еден работник застанува и го блокира патот кон Св. Наум за да можат да ги извадат оплатите. Нема друг начин да го направат тоа оти хотелот е на улица. Градилиштето не е обезбедено, ниту оградено па опасноста да падне нешто и да повреди некого е голема. За да го избегнат тоа, работниците го сопираат сообраќајот на по десетина минути“, велат соседите на хотелот кои спонтано се собраа кога работниците го блокираа сообраќајот па целиот настан прерасна во протест.

    Инвеститорот на нелегалниот хотел не ги почитува ниту соседите, ниту турстите оти постојано на градилиштето има работници кои ги вознемируваат, а, пак, инспекцијата е глува и слепа кога ова градилиште во прашање. Нема казна за прекршувањето на одлуката да не се гради во периодот од први јули до крајот на август, инспекцијата не излегува на терен, ниту пак одговара на пријавите од граѓаните.

    Туристите се пожалиле и во полиција за бучавата, но од таму им кажале дека немат надлежност за градежни активности.

    Градоначалникот Никола Бакрачески е недостапен да објасни зошто не ги сопре активностите на градилиштето во интерес на туристичката сезона. Тој на охриѓани им должи и објаснување зошто не ги преземе сите мерки кои му стојат на располагање за да ја сопре воопшто изградбата на хотелот кој прекршува 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија, а за прекршувањата се поведени судски постапки и ќе се бара одговорност од сите вмешани.

    За овој објект, инспекторатот за животна средина се изјасни дека се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба што укажува дека за него не може да се издаде одобрение за градење. И покај овој факт, градоначалникот Бакрачески еднаш му издаде одобрение на инвеститорот, но тоа беше поништено откако граѓанското здружение „Охрид СОС“ крена аларм за бројните прекршувања на важечките закони. Инвеститорот ја обжали одлуката за поништување на одобрението, а второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски му ја прифати жалбата и го врати предметот на повторно одлучување во Општина Охрид. За да продолжи градењето градоначалникот треба да му издаде ново одобрение, но да ги земе в предвид сите забелешки вклучително и онаа од Инспекторатат за животна средина. Бакрачески не е достапен да каже дали му издал ново одобрение. Во меѓувреме стапи на сила одлуката за стопирање на сите градежни активности до крајот на август.

    Хотелот почна да се гради на крајот на минатата година и покрај битката против него на охриѓани, инвеститорот изгради четири ката.

    Д. ЧУБРИЌ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира