ГЕВГЕЛИЈА ОТПИША ДОЛГ ОД 760 ИЛЈАДИ ЕВРА НА 1.078 ФИРМИ КОИ СО ГОДИНИ НЕ ПЛАЌАЛЕ КОМУНАЛНА ТАКСА

    ГЕВГЕЛИЈА ОТПИША ДОЛГ ОД 760 ИЛЈАДИ ЕВРА НА 1.078 ФИРМИ КОИ СО ГОДИНИ НЕ ПЛАЌАЛЕ КОМУНАЛНА ТАКСАСоветникот на Левица Никола Петров побара за овој случај да се вклучи и Јавното обвинителство. - Седиштето на Општина Гевгелија (Фото: СДК.МК)

    Општина Гевгелија изврши траен отпис на побарувањата по основ на комунална такса од 1.078 фирми во висина од 760 илјади евра или 47 милиони денари. Станува збор за давачка позната како фирмарина која даночните обврзници не ја плаќале со години. На предлог на одделението за даноци и такси, Советот на општина Гевгелија донесе одлука да се избришат овие побарувања бидејќи нема како да се наплатат. Или фирмите не постојат или поминал рокот за правна наплата на долгот.

    „Отписот на побарувањата по основ на комунална такса за истакната фирма се врши заради бришење на правните субјекти од евиденцијата на Централниот регистар како и застареност на побарувањата и кон истите не може да се поведе правна постапка за наплата на долгот“, стои во одлуката што ја донесе Советот во која има и листа со фирми кои треба да се избришат од регистарот на даночи обврзници на општината.

    Комунална такса гевгелиските фирми не плаќале во периодот од 2006 година, па сè до 2020 година кога со општината раководеле градоначалници од редовите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. На седницата, советниците реагираа дека се отпишуваат побарувања од речиси 760 илјади евра, но биле ставени пред свршен чин бидејќи низ годините никој не реагирал.

    „Со овие пари можевме двапати да го вратиме долгот како општина кон Комуналец, да изградиме четири зданија како ДТВ Партизан и што ли уште не. Според мене, ова не е само резултат на несовршена администрација, ова не е само резултат на првите луѓе кои ја воделе општината, ова е аномалија и отсуство на систем. Ова е пораз на државата. Пуштени биле опомени, правени се обиди за присилна наплата, а како краен резултат имаме 1.078 отписи“, кажа советникот од ВМРО-ДПМНЕ Ѓоко Попов.

    Советникот на Левица Никола Петров побара за овој случај да се вклучи и Јавното обвинителство, бидејќи, како што кажа, одредени бизнисмени се богателе на сметка на општината, а сето тоа го аминувале градоначалниците од двете најголеми партии.

    „Овие градоначалници не ги презеле сите службени дејствија за да го заштитат Буџетот на општината. Место со овие пари да се градат капитални проекти ние сега ќе правиме отпис. За бизнисмените кои не си ги платиле своите долгови и за градоначалниците кои овозможиле на тие бизнисмени да се стекнат со против правна имотна корист, апелираме и бараме да се вклучи Јавното обвинителство и еден по еден да ги испита сите случаи“, кажа советникот Петров.

    Градоначалникот Андон Сарамандов кажа дека постапиле по препораките на Државниот завод за ревизија. Не сакаше да каже зошто неговите претходници не биле „поупорни“ во наплатата на комуналната такса и дозволувале побарувањата да застарат.

    „Со самото мое доаѓање на функцијата градоначалник, прва работа ми беше да се наплатат сите побарувања што ги има општината. За тие што не беа застарени веднаш покренавме правна постапка за присилна наплата. Не ми можел да коментирам зошто моите претходници дозволиле да се акумулира толкав долг на даночните обврзници“, ни изјави градоначалникот Сарамандов.

    Сметководителите со кои разговараше САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека тоа е системски проблем. Пред неколку години имало можност Централниот регистар да избрише од евиденција даночен обврзник доколку не е активен, што не е случај последните неколку години.

    „Пред неколку години, доколку фирмата немаше движение и не доставуваше завршна сметка за период од три последователни години Централниот регистар ја бришеше од евиденцијата, независно дали имаш или не долг. Последниве години не може така лесно да се избрише или згасне фирма. Прво треба да се платат сите давачки кои ги има фирмата па тогаш да се затвори или ликвидира“, објаснува една сметководителка.

    Добро упатени тврдат дека со ваков проблем се соочуваат и други општини. Заради избришани правни субјекти од евиденцијата на Централен регистар не се во можност да ја наплатат комуналната такса и во нивните пописни листи стојат овие побарувања како активни иако нема од кого да се наплатат.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира