„ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“ ПРЕРАСНА ВО ГЛАС ЗА ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ, КАЖА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА ОСМАТА „ТЕКСТИЛИЈАДА“ ВО ШТИП

    „ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“ ПРЕРАСНА ВО ГЛАС ЗА ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ, КАЖА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА ОСМАТА „ТЕКСТИЛИЈАДА“ ВО ШТИПВо рамките на манифестацијата беше откриена скулптурата „Зашиени емоции“, поставена во паркот пред ОУ„Ванчо Прќе“ (Фото: СДК.МК)

    На традиционалната манифестација „Текстилијада“ во Штип, која се одржува по осми пат, првпат присуствуваше претседателката на држaвата Гордана Сиљановска-Давкова. Претседателката имаше посебно обраќање пред присутните претставници на Европската асоцијација на текстилните градови (АКТЕ), организацијата „Улоф Палме“ од Шведска и здружението „Гласен текстилец“

    „Во седумте изданија, ‘Текстилијадата‘ креативно покажа дека може активно да се дејствува и веројатно од сите организации  најгласни беа оние кои стојат зад оваа манифестација. Ставајќи акцент на текстилните работници и нивното вклучување во процесот на донесување одлуки, мислам дека ова здружение прерасна во глас на текстилците, а тоа е глас за достоинствен живот, достоинствени работни услови, уважување на сите права, глас за правда и правичност“, рече Сиљановска-Давкова.

    Таа кажа дека многупати се вџашувала од примерите на нечовечност со кои се соочуваат текстилните работнички, кршењето на одредбите од најважните документи на меѓународните организации на трудот и од немањето слух за гласот што укажуваше на невидена неправда.

    Таа на членовите на Здружението за заштита на работничките права им порача да продолжат со својот глас, да бидат некополебливо бунтовни и субверзивни за да ги остварите своите цели и да помогнат во решавањето на горливите проблеми.

    Како што кажа Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, тие секогаш се посветени на поттикнување дискусии на локално и национално ниво кога се во прашање текстилот и работничките права во оваа сфера.

    „Годинашнава тема ‘Различни насоки, иста цел‘ е во насока да се нагласат спротивставените пристапи што ги имаат здруженијата, синдикатите, институциите и властите на локално и национално ниво за подобрување на работните услови и правата на работниците“, вели Ампева.

    Таа и нејзините соработници рекоа дека „Текстилијадата“ содржи повеќе општествени и образовни активности, па во рамките на манифестацијата имаше литературен конкурс за учениците од основните и средните училишта на тема човекови права, се одигра и театарската претстава „Ткаенината на правдата“, а текстилни работнички од Македонија кои отишле на работа во Шведска ги пренесоа нивните искуства од работата во оваа земја која има развиена текстилна индустрија и максимални  работнички права.

    Денеска беше откриена скулптурата „Зашиени емоции“, поставена во паркот пред ОУ„Ванчо Прќе“ во ценарот на градот. Автор на ова дело е штипскиот вајар Никола Смилков, кој вели дека скулптурата симболизира развиорено платно, а иглата во платното цврстината и решеноста на работниците за поголем развој на текстилната индустрија кај нас.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира