Ѓорѓи Гого Попов – Стариот, е личност за која малку се знае во пошироките кругови, но е многу позната меѓу планинарите и скијачите и кој со својата работа на повеќе полиња, има големо значење за Македонија. Гого Попов како професионален фотограф, бил првиот кој ги фотографирал македонските планини, бил планинар, скијач, инструктор, спасител, ентузијаст, организатор на повеќе скијачки манифестации. Бил долгогодишен член на Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово со што имал значајна улога во развојот на планинарењето и скијањето во Македонија, а посебно на Шар Планина. Како голем вљубеник во Шар Планина тој придонел за изградбата на повеќе планинарски објекти на Шарпланинскиот масив во периодот од 1934 до 1957 година како: планинарски домови, прифатни куќи, кулата на Титов Врв, скокалницата на Попова Шапка, вршел мапирање на планинарски патеки и ред други активности од ваков вид.
Сакајќи да му се оддолжи на сето тоа што Гого Попов го имал направено за планинарењето и скијањето и за сите негови други активности, Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, односно неговиот претседател Јован Божиновски ја напиша и издаде монографијата „Звукот на тишината“, посветена на животот и делото на Гого Попов.
„Со истражување за животот и активноста на Гого Попов почнав негде во 2000 година кога ПК „Љуботен“ прославуваше 75 години од постоењето, а јас ја организирав изложбата. Во текот на подготовките за изложбата со средувањето на фото архивата на клубот наидов на албум со фотографии чиј автор беше Гого Попов. Албумот беше направен во 1952 година и во него имаше фотографии со прекрасни планински пејзажи од Љуботен па се до Кораб. Тоа за мене е едно од највредните дела на Гого Попов. Таму тој ги овековечил првите планинарски тури, градењето на првите планинарски објекти, првите организирани скијачки натпревари, првите искачувања на некој врв. Јас, гледајќи ги фотографиите на Гого Попов, го запознав него и неговата енергија која и после 45 години сè уште постои и тоа беше најголемиот мотив за пишување на оваа монографија. Секако тука не престанува работата бидејќи секој момент се откриваат нови податоци, за животот и делото на Гого Попов, нови сознанија за неговата активност, излегуваат нови, досега необјавени фотографии што само наведува дека ќе треба да се направи уште едно издание на монографијата дополнето со новите сознанија. ПК „Љуботен“ во 2022 година донесе одлука да се започне со процес за отворање Музеј на планинарењето и скијањето во Македонија во кој сигурно почесно место ќе има делото на Гого Попов“, вели Јован Божиновски, авторот на монографијата за Гого Попов.
Во монографијата посветена на Гого Попов претставени преку наративот и 550 фотографии е претставен неговиот живот и сите негови спортски и други достигнувања. Преку неа се дознава за почетоците на скијањето и планинарењето во Македонија кои, во тој период, не биле многу поназад од оние во многу поразвиените европски земји.
„Монографијата со наслов „Ѓорѓи Гого Попов – Звукот на тишината“ и со поднаслов „Фотографија, уметност и професија, планина спорт и опсесија“, претставува чудесна магија со моќен невидлив флуид меѓу авторот Јован Божиновски и легендарниот лик на Гого Попов. Ова е книга за делата на Гого Попов, потоа за неговиот карактер, кој го откриваме преку делата, а делата на Гого Попов се толку многу и толку големи што ја заслужуваат оваа книга во секој поглед. Монографијата за Гого Попов – Стариот, како што го нарекувале пријателите, не е посветена само на фотографијата за планината, скијањето, планинарењето, туку таа нè запознава и со неговиот приватен живот и работната професија. Дознаваме за неговото потекло, го запознаваме Гого Попов како неверојатен фотограф на планината кој ги прави првите авионски снимки на македонските планини, таму во триесеттите години на минатиот век, дознаваме за почетоците на македонското планинарење, за првите планинарски организации, планинарски домови, а ги запознаваме и првите планинари во Македонија“, ќе каже д-р Бранислав Светозаревиќ кој е рецензент на монографијата.
Но, освен што ја сакал планината Гого Попов бил заљубен и во уметноста и во историјата на Македонија. Како фотограф во Централниот завод за заштита на културата, каде бил вработен, заедно со д-р Коста Балабанов ги посетиле сите позначајни цркви и манастири од каде направил над 20.000 фотографии од архитектурата и од фреските и иконите.
„Сè што научив, научив од Гого Попов. Тој беше многу скромен човек. Јас во се вработив во Републичкиот завод за заштита на споменици на културата во 1952 година, а Гого таму работете веќе неколку години. Тој знаеше многу работи поврзани со спомениците на културата и со историјата на уметноста. Освен што неуморно ги фотографираше фреските и живописите по македонските цркви и манастири, во тоа време во црно-бела техника, а во 1954 година тој беше првиот фотограф во Македонија што направи колор фотографија. Тоа беше фотографијата на икона „Богородица Перилепта“ од Охридската збирка икони. Користеше колор филм од италијанската марка „Фераниа“, а фотографијата ја направи рачно кој во својата фотолабораторија, за што беше потребно навистина големо познавање на фотографската техника. Можам да ви кажам една анегдота. Ние го фото документиравме живописот во Мрковиот манастир, а јас бев одговорен за пишувањето додека Гого требаше да ги фотографира фреските. Се покажа дека, јас како историчар на уметноста не ги знам имињата на композициите, но затоа пак Гого Попов ги знаеше сите. Ќе направеше фотографија и ќе ми кажеше: „Пиши сега ја снимив фотографијата „Исус Христос влегува во Ерусалим“ и така за секоја фреска, за секоја икона знаеше што претставува“, се сеќава д-р Коста Балабанов на заедничката работа со Гого Попов.
Гого Попов е роден е 1908 година, а починал 1979 година.
З. АНДОНОВ