По повод Денот на НАТО (4 април), Денот на Првата пешадиска бригада, како и 15 април – Денот на Командата за обука и доктрини (КОД), во Градскиот парк во Велес се одржа презентација на воена опрема, возила и способности на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија. На настанот можеше да се забележи големо присуство на велешани, пред сѐ млади брачни парови со нивните деца, а најмладите беа воодушевени од прикажаното.
„Ова е ретка можност граѓаните од непосредна близина да погледнат дел од опремата и борбените возила, но и да разговараат со припадниците на Армијата кои секојдневно се грижат за нивната безбедност“, соопштија од КОД, чие седиште е во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес.
Настанот беше поделен на неколку тематски зони, каде присутните можеа да се запознаат со техничко-тактичките карактеристики на изложената опрема и средствата на Армијата. Беа демонстрирани гардиски и борбени вештини, а граѓаните имаа можност да се информираат и за начинот на школување на Воената академија. Свој штанд имаа и припадниците на воздухопловниот винг, како и припадници на специјалните единици „Волци“ и „Шкорпиони“ и Почесната гарда. Особено внимание и аплаузи предизвика вежбата со армиските службени кучиња при извршување специфични задачи.
Настанот под мотото „Професионалци и сојузници: Армијата за граѓаните“ беше организиран од Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата и Командата за обука и доктрини.
П. ПЕЧКОВ



