ГРАД СКОПЈЕ ВЕЛИ ДЕКА НОВИОТ ЛУНА ПАРК НЕМА ДА УНИШТИ ЗЕЛЕНИЛО ОД 59.000 КВАДРАТНИ МЕТРИ, НО НЕ ГО ПОКАЖУВА ПЛАНОТ

    ГРАД СКОПЈЕ ВЕЛИ ДЕКА НОВИОТ ЛУНА ПАРК НЕМА ДА УНИШТИ ЗЕЛЕНИЛО ОД 59.000 КВАДРАТНИ МЕТРИ, НО НЕ ГО ПОКАЖУВА ПЛАНОТ

    Новиот Луна парк во Скопје ќе се гради на 24.000 квадратни метри соопшти  Град Скопје реагирајќи на текстот со наслов „За новиот Луна парк ќе се уништат 59.000 квадратни метри зеленило од Градски парк објавен на САКАМДАКАЖАМ.МК, но не го дава планот на увид на јавноста и не објаснува како повеќе реквизити ќе се постават на иста површина.

    Службата за односи со јавност на Град Скопје во петокот до дигиталната редкација САКАМДАКАЖАМ.МК на прашањето на колку квадратни метри ќе се гради новиот Луна парк го испрати одговорот „Според Деталниот урбанистички план , парцелата на забавниот парк  е на исто место како ’Луна паркот’, а има површина од 84.040 квадратни метри“.

    Според овој одговор, од сегашните близу 25.000 квадратни метри колку што има сега, Луна паркот  се проширува за 59.000 квадратни метри на сметка на околното зеленило.

    Градски парк вкупно има 486.000 квадратни метри, а површина од 59.000 квадрати е еднаква на десет фудбалски игралишта.

    Од Градот дообјаснуваат дека „големината на соодветните парцели е 84.070 квадратни метри, додека самиот парк ќе се протега на истата површина како и досега од околу 24.000 квадратни метри според ДУП Централен градски парк-блок 3 за урбанистичка парцела 3.1“.

    Од Градот уверуваат дека за новиот Луна парк нема да се уништува постојното зеленило во Градски парк, но сепак не сакаат јавно да го  покажат проектот по кој ќе се гради Луна паркот изработен од „Билд урбан“ ДООЕЛ Скопје .

    Во реакцијата градските власти повторуваат дека паркот заедно со купувањето и монтирањето на реквизитите ќе го чини Градот 6,5 милиони евра. Главниот забавен дел на паркот ќе има два адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.

    Во Луна паркот во отворениот дел ќе има влезна партија со билетарница, продавница за сувенири, ресторани, канцеларии за администрацијата, тоалети и гардероби за вработените, како и затворен мултинаменски објект со облик на школка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира