Градоначалникот на Велес Марко Колев најави дека ќе бидат вратени лежечките полицајци кои беа отстранети од неколку улици во градот бидејќи се асфалтираа. Тие беа поставени за да го успорат возењето на улици каде што има фреквенција на деца и ученици.
„Лежечките полицајци ќе се постават на сите места каде што ги имаше. Тоа се улиците Љубљанска кај ОУ ‘Блаже Конески‘ и Борис Трајковски кај ОУ ‘Васил Главинов‘, кај ОУ ‘Панко Брашнаров‘ и пред библиотеката ‘Гоце Делчев‘. Ќе бидат унифицирани, не како досега, некаде од бетон или пластика, други од асфлат“, кажа Колев.
Тие ќе бидат поставени пред пешачките премини и се идентични со веќе поставените пред средното училиште „Коле Неделковски“.
Граѓаните од стариот дел на градот бараат поставување лежечки полицајци на улиците кои гравитираат таму. Тие се жалат на брзо возење по тесните улички и стравуваат за безбедноста. Исто такво барање имаат и жителите на село Раштани.
„Лежечки полицајци можат да се постават близу училиште и градинка. Знам дека се вози брзо, знам дека има автомобили кои се нерегистрирани, знам дека има возачи без возачка дозвола. Но, не може да се постави лежечки полицаец каде што ќе побараат граѓаните, тие треба да знаат дека тоа е решено со закон, не по нечија желба“, објасни Колев.
П. ПЕЧКОВ