Градоначалникот на Велес, Марко Колев, нема да го потпише барањето за Б-еколошка дозвола за „Кепс маунт груп“ додека во документацијата има постројка за дополнителни активности за дробење и мелење. Тој го кажа ова на седница на Советот на Општина Велес.
„Консултирав голем број експерти од Велес, Македонија и од странство кои се бават и работат со оваа проблематика. Грешката е направена одамна, да не се третира како суровина, туку како опасна материја, како што е случајот со линданот во ‘ОХИС‘, каде што државата дава средства да се отстрани. Сите дополнителни работи кои концесионерот ‘Кепс маунт груп‘ ги бара сега, за разлика од првата Б-дозвола кога бараше и доби дозвола за ископ, сеење, утовар и транспорт, фрлаат сомнеж дека ќе се наруши животната средина во Велес и дел од прашина ќе го загадува градот. Тоа не е добро за сите нас и врз основа на тоа решив под овие околности да не потпишувам издавање на Б-еколошка дозвола“, кажа Колев.
Но, тој остави простор за давање Б-дозвола ако „Кепс маунт груп“ од актуелното барање ја изостави постројката за дополнителни активности за дробење и мелење. Кажа дека овој негов став не бил донесен денес, туку пред повеќе денови и за тоа знаеле вработените од Одделението за животна средина. Не пропушти да се одбрани од нападите, кои изминатиот период биле кон него.
„Јас немам потпишано никаков документ. Министерката за животна средина Каја Шукова на 31 мај лани даде позитивно мислење, односно решение за инсталација на машина за дробење и мелење на згурата во месноста Баш Колиба, врз основа на што концесионерот бара Б-дозвола со зголемени работни дејствија“, рече Колев.
Присутниот претставник од Министерството за животна средина кажа дека тие го дале тоа мислење и одговориле позитивно на барањето на „Кепс маунт груп“ за инсталација на машина за дробење и мелење на згурата.
На седницата се отвори и дилемата околу времетраењето на концесијата која Министерството за економија ја издала на 3 декември 2018 и трае до 19 февруари 2026, со периодот ако барателот добие Б-дозвола, која е за четири години, при што се јавуваат две години разлика. Кога првата интегрирана дозвола беше дадена, и локалната власти и екологистите еуфорично ја прифатија без критички осврт. Но, остана дилемата како и колку ќе влијае врз здравјето на велешани секојдневно четири години да се превезуваат по 50 камиони згура низ градот, темпото што го најави концесионерот. Тогаш концесионерот објасни дека камионите ќе бидат прекриени со церада и така нема да има загадување, а од локалната власт најавија дека секојдневно во вечерните часови ќе ги перат градските улици со вода за да се отстранат остатоците од згурата.
- КОНЦЕСИОНЕРОТ „КЕПС МАУНТ ГРУП“ ЌЕ ОТВОРИ И РУДНИК СО БАРАЊЕТО НОВА ЕКО ДОЗВОЛА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ДЕПОНИЈАТА СО ЗГУРА, СЕ СОМНЕВААТ ВЕЛЕШКИТЕ ЕКОЛОГИСТИ
- „КЕПС МАУНТ ГРУП“ БАРА НОВА ДОЗВОЛА ЗА ДИСЛОЦИРАЊЕ НА ЗГУРАТА ОД ДЕПОНИЈАТА НА ТОПИЛНИЦАТА, ЕКОЛОГИСТИТЕ СЕ ПРОТИВАТ ОТИ ЗА 4 ГОДИНИ СЕ ОТСТРАНЕТИ САМО 500 ТОНИ
На седницата присуствуваше и Бошко Ников, инженер металург и стручњак за заштита на животната средина.
„Депонијата со згура е жешка еко-точка. Таа не фигурира така никаде во документацијата за барањето за Б-дозвола. Нема во текстот дека се работи за опасен отпад, туку е техногена суровина. Секаде во светот троските од преработка на олово, како оваа во Велес, се со назнака 10.04.01 со ѕвезда, што е опасен отпад. Штетата е направена во 2016/17 кога е дадена дозволата таа да се третира како суровина, а не како опасен отпад. Оваа депонија е една од 14-те жешки еко-точки во Македонија. Според нејзината големина како маса и материите кои се наоѓаат во неа, таа е на третото место“, кажа Ников.
Претставникот на Министерството за животна средина даде објаснување зошто така е постапено во овој случај.
„Согласно новите измени на Законот за управување на отпад, дефиницијата за отпад е изменета. Секој отпад кој може да служи како суровина во некоја друга индустрија повеќе не е отпад. Затоа не се работи за индустриска обработка на отпад, туку за суровина, бидејќи има концесија од Министерството за економија“, кажа претставникот на Министерството
Од „Кепс маунт груп“ соопштија дека тие предвидуваат на локацијата да се врши сепарација, ќе нема хемиска обработка и топење, туку тоа ќе се вршело во топилници во Јужна Кореја и Албанија. На локацијата нема да останело ниту грам од згурата, освен градежниот шут. Со новата дозвола, тие бараат да се постави постројка за мелење и дробење на згурата, оти ниту една држава во светот веќе не дозволувала увоз на троска.
Во досегашните четири години работа со депонијата, според податоците кои „Кепс маунт груп“ ги има доставено до надлежните институции, биле отстранети 500 тони згура од ридот тежок 1,8 милиони тони. За тоа на Министерството за економија платиле 13.000 денари. Депонијата е резултат на тридецениската работа на велешката Топилница.
П. ПЕЧКОВ