Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски заедно со учениците од угостителската насока, приготвуваше храна за лицата со посебни потреби, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Како долгогодишен менаџер во угостителската дејност и сопственик на угостителските објекти „Воденица“ и „Селект кафе“, Митовски им ги откри своите тајни во кујната на средношколците-идни готвачи.
„Со своето долгогодишно искуство во угостителската дејност, одржав практичен час по приготвување на специјалитети во кабинетот за готвачи во СОУ ‘Ѓорче Петров’ од Крива Паланка“, кажа Митовски.
Храната приготвена во средното училиште e донирана на лицата со посебни потреби во Центарот за дневен престој во Крива Паланка.
„Со достојна почит и посветено внимание на сите категории лица од Крива Паланка, секогаш ќе бидам во служба, од помош и достапен за моите сограѓани“, вели Митовски.
Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Митовски ги посети и штитениците на Центарот за лица со посебни потреби, заедно со претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и Општинскиот црвен крст, на кои им беа донирани прехранбени пакети и други подароци.
Исто така, пазаруваше во продажните објекти заедно со дел од штитениците на кривопаланечкиот центар, а ги посети и во нивните домови.
„Да го одбележиме Меѓународниот ден на лицата со попреченост, да ги нотираме слабостите на општината, каде грешиме, да ги слушнеме проблемите на овие лица, се со цел да ја направиме Крива Паланка инклузивна општина – општина на рамноправни граѓани“, вели Митовски.
С. НИКОЛИЌ