ГРАЃАНИТЕ КОИ ГО КОРИСТАТ РЕГИОНАЛНИОТ ПАТ ВИНИЦА, ЈАКИМОВО, БИГЛА И ДЕЛЧЕВО, БАРААТ НЕГОВО ОДРЖУВАЊЕ И ПРОШИРУВАЊЕ ОТИ ЗАСЕГА МОЖАТ ДА СЕ РАЗМИНАТ САМО МАГАРИЊА И СТАНУВА ОПАСЕН

    ГРАЃАНИТЕ КОИ ГО КОРИСТАТ РЕГИОНАЛНИОТ ПАТ ВИНИЦА, ЈАКИМОВО, БИГЛА И ДЕЛЧЕВО, БАРААТ НЕГОВО ОДРЖУВАЊЕ И ПРОШИРУВАЊЕ ОТИ ЗАСЕГА МОЖАТ ДА СЕ РАЗМИНАТ САМО МАГАРИЊА И СТАНУВА ОПАСЕНЖителите од селата Јакимово,Црн Камен, Калиманци, Турија бараат одржување и проширување на регионалниот пат Р 346 кој е тесен, а зaради неодржување станува и опасен. (Фото: СДК.МК)

    Поради тоа што на регионалниот пат Виница, Јакимово, Бигла, Делчево можат да се разминат само магариња, а не и автомобили, жителите со протест бараат од Општина Виница и од надлежните јавни претпријатија за патишта овој со години запоставен регионален патен правец со многу свиоци во должина од 23 километри да се одржува и да се прошири со банкини.

    „Патот Р 334 ги тангира жителите од селата Јакимово, Црн Камен, Кршлак, Калиманци, Турија и Бигла меѓу општините Виница, Македонска Каменица и Делчево. Овој патен правец уште пред да биде изграден патот Кочани-Македонска Каменица многу се користел, а мошне фреквентен е и во овој период. Денес, кога има одрони во клисурата кај браната Калиманци, како алтернатива да се оди за Делчево е токму патот Виница, Јакимово и Црн Камен, преку Турија и Бигла“, вели Трајче Стоилов, жител на Црн Камен.

    „Кога не беа изградени патните правци Виница-Лаки и Кочани Македонска Каменица за Делчево и кон Бугарија се одеше преку овој пат. Порано имаше патар кој колку толку редовно го одржуваше патот, но тој одамна замина во пензија па сега патот е оставен на стихијата“, вели Фиданчо Илиев жител на селото Калиманци.

    Неговиот соселанец Маријан Стојменов кој исто така покрај патот има лозови и овошни насади смета дека сегашната состојба на патот сериозно ја загрозува безбедноста на големиот број жители кои го користат.

    „Патот е како тесен тунел, дрвја гранки и магарешки трнови обраснале над патот што зборува дека поради неговата мала ширина само на одредени места можат да се разминат автомобилите па вистинска шега е дека денес на овој патен правец можат да се разминат само магариња“, вели Стојменов.

    Нивните барања досега ги изнеле само на градоначалникот на Виница кој само им ветил дека ќе разговара со ЈП Македонија пат, но патот со години останува во ваква неодржлива состојба. Ако и на овој повик надлежните се оглушат тогаш ќе се организираат порадикални протести, а размислуваат и за одредени блокади.

    „Со овие наши протести и барања сакаме и да ги потсетиме локалните и републичките власти дека во овие ридско-планински села заборавени од нив, сепак живеат луѓе. Селата имаат по стотина жители, а селото Јаикимово над 500 луѓе. Мора да се создадат подобри услови за живеење и комуникација за да ги задржиме младите да не се иселуваат“, велат соговорниците.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира