ХОТЕЛОТ КАЈ ЛАГАДИН НЕ СМЕЕ ДА СЕ ГРАДИ, ВЕЛИ ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК СТОЈАНОСКИ

    ХОТЕЛОТ КАЈ ЛАГАДИН НЕ СМЕЕ ДА СЕ ГРАДИ, ВЕЛИ ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК СТОЈАНОСКИОд протестниот граѓански перформанс против дивиот хотел во Лагадин на 4 август минатата година. (Фото: К. Сејфула)

    Охридскиот градоначалник Јован Стојаноски кажа дека хотелот во населбата Лагадин кај Охрид не може да се гради, одговарајќи на новинарско прашање дали на овој објект се вршат градежни активности.

    „Ние како Општина Охрид донесовме одлука со кое се поништува одобрението за градба на хотел кај Лагадин. Тоа ќе оди до второстепена комисија во министерството за транспорт и врски и ако тие одлучат како нас, инвеститорот може да поведе управен спор. Хотелот не може да се гради, бидејќи му е одземено одобрението за градба“, рече градоначалникот Стојаноски.

    Овој хотел почна да се гради на почетокот на крајот на 2016 година, во време кога градоначалник беше Никола Бакрачески.

    Против изградбата на хотелот, која е надвор од сите прописи за заштита на животната средина, се кренаа бројни здруженија во Охрид, а и самите жители на населбата во текот на летото во повеќе наврати, во знак на револт, го блокираа патот Охрид-Пештани-Свети Наум.

    На 9 март минатата година, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам побара од Општина Охрид да го поништи издаденото одобрение за градење. Барањето дојде по заеднички инспекциски надзор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за животна средина и Управата за заштита на културно наследство направен во Секторот за урбанизам во Општина Охрид и на градилиштето за незаконскиот хотел во Лагадин во јануари минатата година.

    Бакрачески, постапувајќи по насоките од Државниот инспекторат за градежништво поради бројните прекршувања, го поништи одобрението за градење, по што на 17 март беа прекинати работите на изградбата на спорниот хотел кај Лагадин во Охрид, откако дојде инспекција која на работниците им наложи да престанат со работа.

    Инвеститорот се жалеше на одлуката, а Второстепената комисија му ја уважи жалбата и го врати предметот на повторно одлучување во Општина Охрид, за во јуни да продолжи изградбата на хотелот и покрај укажувањата од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам дека нема никакво важечко одобрение.

    Изградбата на хотелот прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.

    И покрај битката против хотелот на охриѓани, инвеститорот изгради четири ката. Инвеститорот, исто така, тврдеше дека хотелот го гради во партнерство со холандскиот оператор ТУИ, но оттаму го демантираа неговото тврдење.

    „Можам да потврдам дека ТУИ не е инвеститор на хотелот во Лагадин. Ние им нудиме разни хотели во Македонија на холандските туристи, меѓу кои и во областа на Лагадин. Кога овој нов хотел ќе биде завршен ние би биле заинтересирани за соработка и да испраќаме туристи. Сепак, ние не сме инвеститори во овој проект, ниту пак сме дел од настаните кои се случуваат во моментов. Имаме намера да влеземе во деловни односи откако хотелот ќе биде завршен и отворен. И се разбира дека го почитуваме законот во Македонија, ТУИ Групата е меѓународна туристичка организација што има особено око и уво за одржливост. Се грижиме за заштитата на животната средина и го почитуваме тоа во секоја земја“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК портпаролката на ТУИ Холандија Петра Кок во септември.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира