И ДА НЕ ТЕ СЛУЖИ ЗАРОТ, ДРУЖБАТА Е НАГРАДА – ЛИЦАТА СО ТЕЛЕСНА ПОПРЕЧЕНОСТ НА ТАБЛА ТУРНИР ВО ТЕТОВО

    И ДА НЕ ТЕ СЛУЖИ ЗАРОТ, ДРУЖБАТА Е НАГРАДА – ЛИЦАТА СО ТЕЛЕСНА ПОПРЕЧЕНОСТ НА ТАБЛА ТУРНИР ВО ТЕТОВОИ ако не победиш, нашето дружење е достојно за една голема награда, велат учесниците. (Фото: СДК.МК)

    Триесетина лица со телесна попреченост се собраа во Тетово за да учествуваат на десеттиот државен натпревар во играње табла, кој го организира Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Тетово-Гостивар. На овој традиционален натпревар учествуваат членови на здруженијата со телесна попреченост од неколку градови.

    „Јас сум редовен учесник на овој турнир и за мене тој претставува убава можност да се дружам со моите пријатели од другите градови. Но, како и на секој натпревар, и овде многу ни значи секоја победа и сите посакуваме да го освоиме победничкиот пехар. Но, и ако не се случи тоа, сепак, нашето дружење е достојно за една голема награда“, вели Бојко Илиев од Скопје.

    „Кај нас во Битола играњето табла не е толку популарно, но јас ја сакам оваа игра и затоа секогаш кога можам, доаѓам на овој турнир. Да, таблата е важна, победата е убаво чувство, но сепак дружбата со овие луѓе, тоа е она што, верувам, сите овде нѐ обединува“, надополнува Васко Стефановски од Битола.

    Здружението „Мобилност“, кое делува во Тетово и Гостивар, е традиционален организатор на овој турнир.

    „Годинава учествуваат 32-ца натпреварувачи од осум градови во Македонија. Тое се, пред сѐ, лица со различен телесен инвалидитет. Одбравме да се натпреваруваме во играње табла бидејќи оваа игра кај нас е мошне популарна, а и не претставува голема потешкотија за лицата со телесен инвалидитет. Но, за нас се важни и дружењето, размената на мислења, забавата, а кој ќе победи, тоа најмногу зависи од зарот, односно од коцките кои се вртаат кога се игра табла“, вели Велибор Јаќимоски, претседател на „Мобилност“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира