Илјадници домашни и рачни изработки се изложени на десетина штандови на пешачкиот булевар „Ванчо Прќе“ во Штип, како дел од новогодишната и божиќна програма на градот.
На новото штипско шеталиште, ентузијастите ги презентираат своите креации наменети за претстојните празници.
„Домашни изработки од восок, гипс и други рачни обработки изложуваме на прекрасниот новогодишен базар во Штип“, велат учесниците на базарот.
Значаен дел од манифестацијата се и децата од штипските градинки и училишта. Тие учествуваат со презентација на своите рачни изработки на тема Нова година и Божиќ, организирани според посебен распоред кој ќе трае до крајот на годината. Средствата собрани од продажбата на нивните творби ќе бидат искористени за потребите на децата и за одбележување на значајни датуми во нивните градинки или училишта.
Директорите на градинките „Вера Циривири Трена“ и „Астибо“, Ивана Ангеличкова и Илија Митров, најавуваат и дополнителни активности.
„Градинките покрај базарот, при крајот на годината на свечено украсеното новогодишно шеталиште во Штип ќе се претстават со целодневни музички програми, со што ќе го заокружат своето детско творештво што го научиле во текот на годината што изминува“, велат Ангеличкова и Митров.
Т. ЈОВАНОВСКИ



