Остатоци од искасапен коњ деновиве се фрлени во системот за фекална канализација на Струмица, што предизвикало краток застој на работата на Станицата за прочистување на отпадните води. Остатоците заглавиле на влезната решетка на станицата, што предизвикало и материјална штета. Веста ја потврдија од струмички Комуналец и информираа дека дефектот се санира.
„Беа заглавени остатоци од коњ, што предизвика оштетувања на грубата влезна решетка која работи на електромотори. Беа заглавени коски, главата од животното, внатрешните органи. Пречистителната станица за отпадни води, и покрај сите проблеми, нормално ја извршува својата функција. Целиот настан е пријавен кај комуналниот инспектор на општината. Изненадени сме од ваквата непромислена постапка и апелираме до граѓаните за совесно и одговорно однесување кон канализациската мрежа“, изјави Митко Зимбаков, раководителот на станицата при струмички Комуналец, додавајќи дека на истата решетка пред неколку месец биле заглавени две мртви кучиња.
Од Комуналец не можат да конкретизираат од кој дел на градот дошле остатоците од коњот.
Пречистителната станица во Струмица се градеше со средства од ЕУ во висина од 6,5 милиони евра. Станува збор за современа станица во која е вградена најсовремена технологија за третман на отпадните води и чии објекти пред неколку месеци беа осликани со мурали.
В. ТРАЈКОВ