Охриѓани веќе четири години теоретскиот дел од испитот за возење кајче го полагаат во Скопје, наместо во Охрид, како што беше пред донесувањето на овој Закон за внатрешна пловидба. Од Капетанијата велат дека сопствениците на кајчиња од Охрид не се најбројни на испитите, туку повеќе кандидати имало од другите градови во земјава.
„Според Законот за внатрешна пловидба, теоретскиот дел за управување со моторни кајчиња се полага во Испитниот центар на Правниот факултет во Скопје. Полагањето е по електронски пат, при што се обезбедени и блокатори на телефонски линии поради обезбедување објективност на испитот. Се полага за управување со пловни објекти кои можат да превезат до 12 патници”, вели капетанот на Капетанијата на македонските пристаништа Горан Устијаноски.
Иако вели дека има свој став за ова прашање, тој нагласува дека меѓу кандидатите за полагање испит најмалку има од Охрид.
„Можам да ви кажам дека меѓу кандидатите најмал е бројот на охриѓани. Повеќето кандидати се од Скопје, но има и од други градови. Тие најчесто сакаат да имаат дозвола за управување со глисер, со кој уживаат на грчкото и на охридското крајбрежје. Цената на испитот изнесува околу 4.100 денари”, кажа Устијаноски.
Во Капетанијата велат дека целта била испитите за управување со моторни кајчиња, ловџии и за шофери на големи камиони да се полагаат на едно место поради објективност.
Д. ЧУБРИЌ