ИЗБРАН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО, ОПОЗИЦИЈАТА ГО ОСПОРУВА ИЗБОРОТ

    ИЗБРАН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО, ОПОЗИЦИЈАТА ГО ОСПОРУВА ИЗБОРОТСпоред Алијансата за Албанците и Движењето Беса, претседавачот на Советот е избран со недоволен број гласови, бидејќи на еден советник не му е верифициран мандатот

    По речиси еден месец од неговото конституирање, Советот на Општина Тетово го избра својот претседател. Тоа е Аднан Билали, кој доаѓа од редовите на ДПА и беше предложен од Комисијата за верификација и мандатни прашања. Тој беше поддржан од 15 советници од редовите на ДУИ, СДСМ, ДПА и Партијата на Турците. Но, токму бројот на советниците кои го поддржаа изборот на Билали е спорен за советниците од опозициските партии, Алијансата за Албанците и Движењето Беса.

    „Претседавачот на Советот е избран со недоволен број гласови. Според член 19 од Деловникот за работа на Советот на Општина Тетово, за претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од вкупниот број гласови од вкупниот број членови на Советот. Советот брои 31 советник, но мандатот им е верифициран на 30, од кои 15 гласаа за предложениот кандидат. Ние мислиме дека ова не е доволен број за избор на претседател на Советот. Баравме процедурално да се изјасниме за оваа одлука, но не ни беше даден збор“, изјави Ариф Сељами од Алијансата за Албанците.

    На еден избран советник мандатот сѐ уште не му е верифициран, бидејќи се наоѓа во странство. За да се избере претседател, потребно е мнозинство од 16 гласови.

    „Постапката за изборот беше според Законот за локална самоуправа и Статутот и Правилникот за работа на Општина Тетово. Има советници кои велат дека изборот не е во ред, но на еден советник не му е верифициран мандатот и затоа се изврши избор со 15 гласови“, изјави новоизбраниот претседавач Аднан Билали.

    Според неофицијални извори, „математиката“ на мнозинството ја расипал еден советник на ДУИ, кој претендирал за претседавач, но ова место во меѓупартискиот договор му е дадено на ДПА. Поради тоа, тој не бил присутен на седницата.

    На почетокот на седницата, петтемина советници на ВМРО-ДПМНЕ си заминаа во знак на поддршка на притворените лица за настаните од 27 април. Тие рекоа дека нема да присуствуваат на седниците на Советот сѐ додека тие не бидат ослободени.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира