Вработените од Националниот парк (НП) „Шар Планина“, со цел да им излезат во пресрет на сѐ поголемиот број посетители, на шест најпосетени локации во паркот изградија дрвени засолништа.
Овие градби ќе им обезбедат на посетителите засолниште при невреме и дождови, а воедно ќе бидат и места каде ќе можат да се одморат и да се засолнат од летните горештини.
„Со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање поставивме нова инфраструктура за поголема безбедност и удобност на посетителите на Шара. Поставени се 6 засолништа на овие клучни локации во Националниот парк: во месноста Долна Лешница, на патот кој води кон планинарскиот дом Љуботен, под Титов Врв, како и во месностите Три Воде, Рамен Камен и Долна Локва. Овие објекти нудат засолниште од лошо време и придонесуваат кон поголема сигурност и пријатно доживување за сите љубители на природата“, соопштија од „Шар Планина“.
Изградбата на овие шест засолништа е дел од проект „Програмата за инвестирање во животната средина 2024“.
З. АНДОНОВ