На температури под нулата, сред зима, во период кога се одвиваат подготовките на ракометарите на Пелистер за Челинџ купот, се раскопа внатрешноста од спортската сала „Младост“ во Битола. Долгонајавуваната реконструкција на овој објект започна неодамна, на неколку месеци пред локалните избори. Поради реконструктивниот зафат ракометниот клуб Пелистер, најверојатно, во гости ќе го игра дури и домашниот натпревар од дуелот од осминафиналето на Челинџ купот со португалскиот клуб Спортинг. Дуелот ќе се одигра во февруари во Лисабон, а неофицијално дознаваме дека не е исклучена можноста натпреварите да се играат два дена едно по друго. Бидејќи во салата се работи, ракометарите подготовките за напреварите ги одржуваат во школската спортска сала во медицинското училиште во Битола.
Од општина Битола, која е стопроцентен акционер во Пелистер не ја исклучуваат можноста натпреварот да се игра на гостински терен.
„Има повеќе опции, но и тие се свесни дека оваа сала на сите им е потребна. Она што сметаат дека за клубот е најдобро ќе се направи, ако треба и ние ќе ги поддржиме. Слушам дека и таква опција има, ако можат тоа да го напраат и таму, зошто да не“, рече битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Талески запрашан зошто реконструкцијата ја започнаа пред дуелот изјави дека постапката за реконструкција на салата имала 36 чекори кои морале да се испочитуваат.
„Toa e постапка која има свои законитости и бара време. За да направите еден ваков проект има многу чекори, 35 или 36 се за да дојдеде до фаза на реализација. Од подготовка на проектот, изнаоѓање на елаборати, па да се стави во прокетот електричната инстацилација, која фирма ќе руши, која ќе гради, која ќе инсталира, до изнаоѓање на финансиски сретства, па да го изгласа советот и друго, па тендери, надзори. Јас три мандати сум градоначалник и не се научив да бидам треплив, секогаш повеќе ми се брза, но мора да ги почитуваме законите“, рече Талески.
Со реконструкцијата, салата ќе добие греење на пелети, а досега и спортистите се желеа дека не се грееше. (Ж.З.)