КАФЕАНЏИИТЕ НА СКОПСКИОТ КЕЈ ПОВТОРНО НА ДИВО ГИ ИЗВАДИЈА МАСИТЕ НА ШЕТАЛИШТЕТО ИАКО ОПШТИНА ЦЕНТАР ГИ КАЗНИ

    КАФЕАНЏИИТЕ НА СКОПСКИОТ КЕЈ ПОВТОРНО НА ДИВО ГИ ИЗВАДИЈА МАСИТЕ НА ШЕТАЛИШТЕТО ИАКО ОПШТИНА ЦЕНТАР ГИ КАЗНИОд Инспекторатот на Општина Центар рекоа дека маси и столици на плочникот не смее да има и дека ќе продолжат да им пишуваат казни.(Фото: К. Попов)

    Дел од кафеанџиите на Кејот 13 Ноември во Скопје повторно на диво ги извадија масите на шеталиштето и покрај тоа што добија казни од Општина Центар. Иако не смеат да поставуваат урбана опрема на плочникот, тие упорно пак го блокираат кејот.

    Масите се поставени помеѓу клупите за пешаци со што всушност им се блокира пристапот на сите пешаци што сакаат да седнат да одморат, а притоа да не мора да седат во кафеана. Кафеанџиите кога го добија просторот за тераси пред објектите го затворија со стакло, па наместо тераси станаа затворени објекти за да може да се пуши во нив. Сега сакаат да имаат маси и на отворено бидејќи терасите им се заградени, а гостите сакаат да седат надвор.

    Кафеанџиите се незадоволни и поради тоа што на други кафулиња на Плоштадот Македонија им се дозволува да имаат ем огромни затворени објекти, што им се пријавени како тераси, ем надвор од тие „тераси“ да ставаат маси и столиците на плочникот веднаш до спомениците.

    Од Инспекторатот на Општина Центар рекоа дека маси и столици на плочникот не смее да има и дека ќе продолжат да им пишуваат казни.

    „Викендот излеговме на терен и им рековме дека не може да дежураме на кеј, но доколку забележиме пак да постават маси ќе ги казниме. Нема да дозволиме кејот повторно да биде узурпиран“, велат од Општина Центар.

    Казнети беа „Дион“, „Карпе дием“, „Соул кичен“, „Бела виста“ и „Торос“. Казната е од 1.000-1.500 евра за правното лице и 300 евра за одговорното лице.

    Откако кејот беше реновиран пред три години во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, кафеанџиите добија дозвола да имаат тераси само пред објектите. Беше точно обележано до каде можат да се простираат и добија плус 3,5 метри од јавниот простор.

    Но, сега газдите не се задоволни од добиениот простор и сакаат да имаат маси и столици низ плочникот, па на диво се стваат маси.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира