Поголем дел од кафулињата на кејот 13 Ноември во Скопје викендов ги извадија масите и столиците и ги распослаа на шеталиштето, иако таму е забрането поставување летни тераси. Поради сончевото време, кафеанџиите ги извадија масите од застаклените тераси и ги ставија во делот наменет за пешаци.
Масите се поставени меѓу клупите, со што всушност им се блокира пристапот на сите пешаци кои сакаат да седнат да одморат, а притоа да не мора да седат во кафеана. Кафеанџиите кога го добија просторот за тераси пред објектите го затворија со стакло, па наместо тераси, станаа затворени објекти за да може да се пуши во нив. Сега сакаат да имаат маси и на отворено бидејќи терасите им се заградени, а гостите сакаат да седат надвор.
И лани кафеанџиите блокираа дел од кејот поради што беа казнети од Општина Центар. Но, само неколку дена откако беа казнети, тие пак си тераа по свое и продолжија да ги шират кафулињата на шеталиштето.
Откако кејот беше реновиран пред четири години во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, кафеанџиите добија дозвола да имаат тераси само пред објектите. Беше точно обележано до каде можат да се простираат и добија плус 3,5 метри од јавниот простор. Но, сега газдите не се задоволни од добиениот простор и сакаат да имаат маси и столици и на плочникот, како што беше пред реновирањето на кејот, кога цел плочник беше узурпиран од кафеани.
А. АНТЕВСКА