КАКО ТЕТОВЕЦОТ БОРО МИРЧЕСКИ СТАНАЛ „ПОЗНАТА ХОЛИВУДСКА ЅВЕЗДА“

    КАКО ТЕТОВЕЦОТ БОРО МИРЧЕСКИ СТАНАЛ „ПОЗНАТА ХОЛИВУДСКА ЅВЕЗДА“За славниот тетовец Боро Мирчески прв пишувал доајенот на тетовското новинарство од периодот помеѓу двете светски војни Боро Јосифоски, кој тогаш бил дописник од Македонија за повеќе весници од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина. (архивска фотографија)

    Во четириесетите години на минатиот век Тетово бил мал провинциски град во тогашното Кралство Југославија. Во градот постоело само едно кино, киното „Балкан“, во кое секоја сабота се прикажувал по некој филм.

    Бидејќи градот немал некоја редовна културно уметничка програма, излегувањето во кино било важен настан каде тетовци можеле да се дружат, но и да се запознаат со новостите од светот. Една сабота, во февруари 1941 година, на излогот од киното „Балкан“ била залепен постер со најава за филмот „Циганче“ кој требало вечерта премиерно да се прикажува во киното. Првите љубопитни тетовци кои го виделе плакатот и сликите објавени на него биле запрепастени.

    „Дали е тоа можно? Зарем нашиот Боро? Море луѓе, да ме убиете ако ова не е Боро Мирчески Серафимовски“, зборувале во чудо тетовци. Други пак се присетувале „Бевме комшии и еднаш со цигла ми ја скрши главата. Беше нескротлив и еден ден се изгуби од овде и отиде да живее во Белград. Пред дваесет години исчезна некаде во светот, си велевме ќе се врати со гаќите на стап, а гледај го, тој станал милионер“.

    Тие го познавале Боро како мало, слабо момче за кое секогаш зборувале дека е малку „откачено“ и дека „ќе заврши во лудница“. Боро, наместо да го заврши електро техничкото училиште, што во тоа време бил многу ценет занает, тој по цело време свирел на виолина, гитара, усна хармоника, прим и други инструменти, а сега ете станал и светски глумец.

    Со самото тоа што некој се појавува на филм, за тетовци било синоним дека станал многу популарен и што е уште поважно, станал многу богат.

    „Од кај знаеш дека е милионер? прашувал некој. „Будала! Какви прашања поставуваш и Грета Гарбо е милионерка, игра на филм. Го знам јас тоа, ќе те чкрапнат два пати пред апаратот и ете ти милионче. Глупи сме ние тетовчаните за тоа па не можеме да разбереме“, до таму оделе муабетите на тетовци.

    Веста за Боро со страотна брзина се проширила низ градот и сите јурнале кон киното да го видат Боро на фотографијата од постерот. Настанала толкава турканица што газдата на киното во еден момент се загрижил дека ќе му го искршат стаклото од излогот.

    Иако филмот „Циганче“ уште пред две години премиерно се прикажал во Белград, а во Тетово пристигнал со големо задоцнување, самата претпоставка дека во него глуми некој од Тетово придонело вечерта кино салата да биде преполна. За тоа придонел и газдата на киното кој, откако го видел големиот интерес за филмот, објавил дополнителна реклама дека премиерно ќе се прикажува филмот во кој настапува „во цел свет познатиот тетовец“ Боро Мирчески.

    Кога на филмското платно се појавил ликот на Боро и започнал да ги прави своите познати гримаси и кога почнал да ѝ диригира на својата музичка дружина, некој од салата силно извикал: „Боро, здраво, Боро“, „Тој е, тој е“, почнале луѓето да викаат од што се треселе ѕидовите на кино салата, а сопственикот на киното се уплашил дека сите ќе јурнат кон екранот за га го видат Боро од поблиску.

    На првата пауза од филмот, бидејќи тогаш од технички причини така се прикажувале филмовите, некои луѓе се стрчале кон куќата на Јелена Мирческа, која живеела на улица Свети Сава, денешна Гоце Делчев, за да и раскажат што виделе. Брзо и таа дошла во киното и седнала во првиот ред за да види подобро.

    Кога се појавил Боро на екранот таа извикала: „Тој е, еве го мојот Боро. Го познавам, лицето, растот, движењата, сé е негово. О, сине мој… дојди да те прегрнам“ и плачејќи летнала кон платното да го прегрне сина си кого долги години не го видела. Гледајќи го ова, сопственикот на киното, и самиот горд што еден тетовец станал познат филмски глумец, на неколку пати ги враќал сцените во кои се појавува Боро, па дури и ја „замрзнувал“ сликата за поубаво да се види неговиот лик.

    Подоцна, мајката на Боро Мирчески, во разговор со тетовскиот новинар Боро Јосифовски, кој во неколку тогашни југословенски весници ја објавил приказната за тетовскиот глумец Боро Мињевиќ, изјавила: „Нема сомнение, тоа е мојот Боро. Веднаш го познав. Преку кино управата им пишав на „Тесла-филм“ во Загреб и молев од филмската компанија која го снимала филмот „Циганче“, да побараат подетални информации за мојот син. Боро беше вистински уметник, роден талент. Се интересираше многу и за филм, само не знам зошто на мене, на својата мајка заборавил“.

    Останува непознато дали Боро ѝ се јавил на мајка си и каква била неговата понатамошна филмска кариера, бидејќи после неколку месеци подоцна, во април 1941 година, на тлото на тогашна Југославија започнува Втората светска војна, а кон крајот на годината и САД влегуваат во војната, по што на Боро му се губи секоја трага.

    За славниот тетовец Боро Мирчески прв пишувал доајенот на тетовското новинарство од периодот помеѓу двете светски војни Боро Јосифоски, кој тогаш бил дописник од Македонија за повеќе весници од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина. За Боро Мирчески исто така зборува и историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ во неговата книга „Тетовски споменар 1919-1941“.

    Сепак, приказната околу потеклото на холивудската ѕвезда Боро Мињевиќ е малку покомплексна, бидејќи тој во Холивуд дошол како емигрант од Русија, а како негово родно место се наведуваат и Киев и Минск, и двата града дел од поранешна Царска Русија.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира