Канцерогена подлога има Ќумурното игралиште со вештачка трева во Битола, каде 15 години тренираат младинските спортски клубови, и неопходно е да се смени со природна, изјави советникот на Поинаку, Миле Трајковски, на денешната седница на Советот. На седницата беше прифатена донација од компанија за ново игралиште каде се планира да биде поставена исто така вештачка трева. Од Општина Битола за изјавите на Трајковски рекоа дека се паушани, без докази, кои имаат за цел да предизвикаат паника во јавноста.
Ќумурното игралиште беше пуштено пред 15 години во присуство на експремиерот Никола Груевски и ексградоначалникот Владимир Талески.
„Теренот како оној кај Ќумурното игралиште, во Европа е забранет поради канцерогената подлога која не е сменета кај нас и 15 години. На тој терен тренираат повеќе од 20 школи за спорт кои секојдневно организираат по неколку тренинзи, па невозможно е да се фати термин. Со вештачката трева има голем ризик од повреди кај спортистите, најчеси се повредите на колена, зглобови и истегнување лигаменти, има страшни изгореници од лизгање зашто подлогата е потврда и има поголемо триење“, рече Трајковски.
Тој додаде дека ваквите терени не се користат кога температурата е над 20 степени Целзиусови, а Европа по 2031 година целосно ќе ги забрани.
„Во 2023 година ЕУ има донесено регулатива за ограничување на микропластика, мали пластични честички, во оваа категоприја спаѓаат и гумените гранули од рециклирани автомобилски гуми кои се користат како пополнување на вештачката трева. Вештачка трева почнува секаде да се забранува, а ние допрва би правеле едно вакво игралиште“, рече Трајковски.
Од Општина Битола ги отфрлија ваквите изјави како паушални, невистинити и непоткрепени со никаков доказ.
„Сметаме дека не е коректно да се создава паника во јавноста. Ова игралиште е направено пред 15 години согласно сите стандарди преку соработка на Ошптина Битола и Фудбалската федерација, повеќе вакви проекти се имплементираа низ цела држава. Општина Битола е во преговори за замена на вештачката трева и унапредување на квалитетот на Ќумурното игралиште. Се разговара со Министерството за спорт и Фудбалската федерација, бидејќи тоа е игралиште каде голем број детски и младински школи ги обавуваат своите тренинзи, а исто така и Младинската школа на ФК Пелистер која брои над 500 деца“, соопштија од Општината за САКАМДАКАЖАМ.МК.
На денешната седница на Советот беше прифатена донацијата на приватна компанија за изградба на ново спортско игралиште на улицата Крушевска република во склоп на спортскиот комплекс и стадионот „Петар Милошевски“, во износ од 2,4 милиони денари (околу 40.000 евра). Во барањето пишува дека ќе биде поставена и вештачка трева.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



