Катерина Костова е назначена за в. д. директорка на Зоолошката градина во Скопје. Костова, која е вработена во Правниот сектор на Зоолошката, за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека од денеска е назначена на функцијата и почнува со работа за подобрување на условите во градината.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 16 декември објави дека Стево Ќирков, кој беше советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје во мандатот на Данела Арсовска, од 12 декември дена доаѓа во Зоолошката и им се претстатвува на вработените како директор. Тој ги викал на состанок во директорската канцеларија зоо негувателите за да им ги претстави неговите планови.
На 16 декември, Ќирков ни изјави дека уште не е официјално назначен на функцијата, но тоа треба да се случи деновиве.
„Јас сум изборот на градоначалникот Ѓорѓиевски за оваа функција. Во Зоолошката градина одам за да се запознаам со тимот и колегите со кои ќе работам откако ќе бидам официјално назначен, по што ќе одржам и средба со новинарите“, ни рече тогаш Ќирков во телефонски разговор.
А. АНТЕВСКА



