ЌЕ ПОБАРАМ ВЕЛЕШКА ЛИЧНА КАРТА СО АДРЕСА ОД СОКАЧЕТО НА ПОЕЗИЈАТА, РЕЧЕ МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА, ЕДНА ОД АВТОРИТЕ НА ТРИТОМНИКОТ ЗА РАЦИН

    ЌЕ ПОБАРАМ ВЕЛЕШКА ЛИЧНА КАРТА СО АДРЕСА ОД СОКАЧЕТО НА ПОЕЗИЈАТА, РЕЧЕ МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА, ЕДНА ОД АВТОРИТЕ НА ТРИТОМНИКОТ ЗА РАЦИННаградата за 9 Ноември ја примија Мојсова-Чепишевска и Хаџи Бошкова-Тасевска. (Фото: СДК.МК)

    Авторите на тритомникот за Кочо Рацин, Весна Мојсова-Чепишевска, Искра Хаџи Бошкова-Тасевска и Венко Андоновски, со Катица Ќулавкова како уредничка на изданието добија спомен-плакета на Општина Велес за 9 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, како признание за нивниот труд.

    Безмалку четири децении ѝ требаа на Македонија да издаде нов труд посветен на Рацин. Последен пат беше во 1987, кога е издаден шесттомник. Наградата ја примија Мојсова-Чепишевска и Хаџи Бошкова-Тасевска.

    „Ова за нас е голема награда. Кога ја пишував биографијата на Рацин, се навратив на велешките сокаци и сите места каде што Рацин творел и живеел. Веќе од утре ќе поднесам барање до градоначалникот за нова лична карта, да станам жителка на Велес, со адреса на улица Сокаче на поезијата (сокакот кој води до куќата на Рацин – н. з.), број – куќата на Солеви. Со ова признание нѐ удостоивте да станеме жители на Велес“, кажа Мојсова-Чепишевска при добивањето на спомен-плакетата.

    Таа додаде дека во создавањето на делото учествувале и Тони Васиќ како ликовен уредник и Иван Антоновски како соработник и дека тритомникот е издаден со финансиска помош од приватни лица, Ана Заковска и Коста Кипровски, на кои им се заблагодари за помошта. Изданието е на МАНУ.

    Првиот том, кој ја содржи биографијата на Рацин, е покриен од Мојсова-Чепишевска, поезијата на Рацин е изработена од Андоновски, а за есеистиката, научната работа и публицистиката на Рацин пишуваше Хаџи Бошкова-Тасевска. Спомен-плакета доби и инженерот Бошко Цилаков.

    Беа доделени и повеќе благодарници и пофалници за 9 Ноември. Наградата за животно дело „Гемиџии“ ја доби актерот Петар Темелковски. Награда за најстудент му припадна на Марко Инѓилизов, кој студира во САД.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира