Природниот резерват Белчишко блато „Дебарца“ ќе се спасува од уништување со проектот „Белчишко блато во нашите срца” . Овој проект е финансиран од Кресида (CRESSIDA) и од канцеларијата на Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа во Скопје. Активностите ги спроведува еколошкото друштво „Грашница” од Охрид.
Вчера се одржа работилница во Општина Белчишта, за да добијат сознанија преку специјално дизајниран прашалник за ставовите на месното население за идниот режим на заштита кој треба да го добие блатото, како дел од европската мрежа на заштитени подрачја НАТУРА 2000. По работилницата се одржа саем со традиционална храна од зедниците, кои живеат во близина на блатото.
„Белчишкото Блато попознато како Сини Вирој e редок и важен локалитет на национално и меѓународно ниво. Тоа е дел од националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување. Блатото е реликт од некогашното Десаретско Езеро, со кое Дебарца била поплавена во плиоценот или пред 5,3–1,8 милиони години. Блатото е специфично заради големите карстни извори, различните типови влажни живеалишта и особено поплавените евлови шуми”, велат од еколошкото друштво „Грашница”.
Следна активност ќе биде поставување две информативни табли со податоци за блатото кои ќе бидат лоцирани во сели Ботун и село Белчишта како и работилница за презентација и јавна дискусија за Нацрт-планот за зачувување на Белчишкото блато како и прогласување Ден на Белчишкото блато.
Д. ЧУБРИЌ