КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ КАНОНИЗИРАН ВО СВЕТИТЕЛ, СВЕТИ КИРИЛ ЛЕШОЧКИ ЌЕ СЕ ПРАЗНУВА НА 24 МАРТ

    КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ КАНОНИЗИРАН ВО СВЕТИТЕЛ, СВЕТИ КИРИЛ ЛЕШОЧКИ ЌЕ СЕ ПРАЗНУВА НА 24 МАРТПејчиновиќ беше прогласен за светител на литургијата во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“ (Фото: СДК.МК)

    По вчерашната воскресна вечерна богослужба во Лешочкиот манастир, денеска со света божествена архиерејска литургија во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“ продолжи процесот на прогласување на преподобниот Кирил Пејчиновиќ за светител.

    Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г. г. Стефан во сослужение со архиереите на Светиот архиерејски синод (САС) ја изврши канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ во Преподобен Св. Кирил Лешочки. Епископот Хераклејски Климент ја прочита одлуката на САС на МПЦ-ОА за вбројување на Кирил Лешочки во редовите на светите.

    Разгледувајќи го предлогот за канонизација во светител на преподобниот игумен Кирил Пејчиновиќ Лешочки врз основа на Уставот на МПЦ и внимателно проучувајќи ги неговите животен пат и пастирски подвиг, како и чудата што се случуваат по неговите молитви и непрестаното почитување од православниот народ, Светиот архиерејски синод на МПЦ на вонредна седница на 10 мај 2022 ја донесе оваа одлука: Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА го вбројува Преподобниот во редот на светите. Чесните останки на Светиот игумен Кирил Пејчиновиќ Лешочки се свети мошти, а за датум на негова прослава се определува 25 март по нов стил. За новоканонизиранот светител е живописана икона и е напишано Житие, Акатист, Утрена и Вечерна Богослужба“, прочита епископот Климент.

    Архиепископот на МПЦ-ОА г. г. Стефан го истакна значењето на Св. Кирил Лешочки не само како свештено лице, туку и како просветител и подучувач на народот.

    Со своите проповеди и писанија, па и со својата севкупна дејност се истакнал во преродбенскиот период во времето кога на нашиот народ му требала поука како да го љуби Бога, како да ги сака луѓето и зошто треба да ги чува своето писмо и својот јазик, следејќи го примерот на Светите браќа Кирил и Методиј и Светиот Климент Охридски“, порача г. г. Стефан.

    Пред олтарот во соборниот храм во Тетово беше поставен кивот со моштите на новиот светител, а до него беше поставена икона со изобразен лик на Кирил Лешочки, изработена од зографот Кирил Златанов.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира