Македонската православна црква-Охридска архиепископија викендов ќе изврши канонизација за светител на игуменот лешочки и народен просветител Кирил Пејчиновиќ како Свети Преподобен Кирил Лешочки. Канонизацијата ќе се изврши денеска и утре во Лешочкиот манастир и во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“.
За црковното и просветителско дело на Пејчиновиќ се учи уште во основното образование, а за неговиот живот, покрај бројните написи, дознаваме и од камената плоча на неговиот гроб, која самиот ја изделкал и го напишал познатиот епитаф, на кој преку стихови го опишува својот животен пат. Но, малкумина знаат дека откако починал во 1845 година, посмртните останки на Пејчиновиќ четири пати биле откопани и преместени.
Илија Петрушевски, кој е родум од Лешок и е голем познавач на неговата историја, за што има објавено и повеќе книги, раскажува како во изминативе 177 години моштите на Пејчиновиќ биле преместувани од едно на друго место.
„Јеромонахот Кирил починал на 12 март 1845 и тогаш бил погребан 30-35 метри југозападно од црквата. Ова се најраните познати пишани податоци кои ги дава Атанас Шопов, кој Лешочкиот манастир го посетил во 1888 или 1889 година, педесетина години по смртта на Кирил. Вториот запис за гробот на Кирил го запишал Ѓорче Петров. Според него, гробот се наоѓал ‘на крајот на ливадата‘, што се совпаѓа со податокот што го дал Шопов. Следните податоци за тоа каде се наоѓа гробот се од Л. Серафимов. Тој го посетил манастирот во 1900 година. Во еден запис забележал дека гробот на убиениот лешочки егумен Езекил се наоѓа до гробот на Кирил Пејчиновиќ, а во вториот запис забележал дека гробот на Кирил се наоѓа до втората влезна врата. Лешочкиот егумен Езекил бил убиен на 30 jуни 1898 и бил погребан северно од конакот, каде што и денес почива. Скопскиот егзархиски митрополит Синесеј дал предлог останките на Кирил заедно со епитафот и крстот да се пренесат до гробот на Езекил. Ова претставува второ Кирилово погребание“, зборува Илија Петрушевски, кој за ова, но и за други настани од историјата на Лешок, пишува во неговата најнова книга „Лешаните и Лешочкиот манастир за историјата на Македонија и Македонците“, која ја објави заедно со Митко Поп Спироски.
И на новиот гроб на Кирил била ставена надгробната плоча која, 10 години пред својата смрт, самиот ја изделкал.
„За време на Првата балканска војна, надгробната плоча ја извадил лешанецот Ѓурчин Деспотовски и ја сокрил. Кога дошла српската моравска дивизија, војниците четири дена ја барале плочата, за на крајот да се откажат. Кога српските војски заминале, а воената состојба се смирила, таа била вратена на Кириловиот гроб“, раскажува Петрушевски.
Оттогаш, па до 1967 година, моштите на Кирил Пејчиновиќ мирувале во дворот на Лешочкиот манастир, на гробиштата каде што, во меѓувреме, се погребани и други монаси кои служеле во манастирот.
„На ова место, останките на Кирил сосе плочата стоеле до 1967. Во април таа година, манастирското сестринство во соработка со Катедрата по македонски јазик од Скопје го изведува третото Кирилово погребение. Се вадат моштите и се пренесуваат на местото каде што сега се наоѓа неговиот гроб и каде е направено ново гробно обележје. Старата надгробна плоча е поставена во конакот на манастирот, во спомен-соба посветена на Пејчиновиќ. Но, ниту овде моштите на Кирил не наоѓаат спокој. Во 2001, за време на конфликтот, делумно беше оштетен и неговиот гроб, а потоа беше минирана и разрушена црквата ‘Св. Атанасиј‘, која е дел од Лешочкиот манастир. Набрзо, неговите мошти беа собрани во метално сандаче и чувани во параклисот Св. Кирил и Методиј, кој се наоѓа во конакот на Лешочкиот манастир. Во 2005 година, моштите на Кирил Пејчиновиќ по четврти пат беа погребани, односно беа вратени во обновениот гроб“, вели Петрушевски.
Како што соопштуваат од МПЦ, во рамките на литургијата на која Кирил Пејчиновиќ ќе се прогласи за светец, верниците ќе имаат можност и да се поклонат на неговите мошти. Од Тетовско-гостиварската епархија не добивме прецизен одговор дали ќе бидат изложени сите мошти, со оглед на тоа дека тие од 2005 се наоѓаат во неговиот гроб во Лешочкиот манастир.
З. АНДОНОВ