Покрај што влијае врз здравјето на луѓето, производството на струја од лигнит ја менува и климата, беше кажано на форумот на Заедницата за праведна транзиција на регионите со јаглен што се одржа во Битола.
„Лигнитот е суровина што некогаш ќе ја снема, необновлив и валкан ресурс кој влијае врз здравјето на луѓето, врз животната средина. Не сакам да навлегувам дека влијае и врз климатските промени кои навистина ги чувствуваме. Ако се симнеме на микро ниво, гледаме дека се менува климата и влијае врз тоа што можеме да садиме, што нема да успее, врз нивото и интензитетот на врнежи, топлотните бранови. Се ова се последици кои не мора да ги викаме климатски промени ако не сакаме, ама факт е дека согорувањето на јагленот директно влијае врз временските непогоди. Ќе мора да го декарбонизираме енергетскиот сектор“, рече Елена Николовска, раководителка на Програмата за клима при „Еко свест“.
Производството на струја во Македонија во најголем дел се обезбедува од рудниците на јаглен во РЕК „Битола“ и „Осломеј“ во Кичево. Државата во следниот период треба да се придржува до европските директиви и да го замени овој процес со производство на обновливи извори. За тоа се изработени Стратегијата за енергетика во 2019, Патоказ за праведна транзиција со заклучок од Влада од 2023, а одобрен е и Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен.
Планот содржи три компоненти – пренамена на капацитетите за производство на електрична енергија во Битола и Кичево, економска регенерација и програма за енергетска ефикасност, чиста топлина и децентрализирано производство на енергија.
„Инвестицискиот план за Пелагониски и Југозападен Регион содржи 85 милиони долари што ни ги одобрува Климатскиот инвестициски фонд во вид на грантови или концесионално финансирање, што значи многу поволни кредити. На Климатскиот инвестициски фонд партнери му се мултилатералните развојни банки кои одлучија да дадат свој придонес кон праведната трансформација, па вкупната вредност на финансискиот план за двата региона е околу 676 милиони американски долари“, рече Ирена Пашовска од Министерството за економија.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кажа дека според информациите што ги имаат, еден од блоковите во РЕК ќе биде заменет со фотоволтаици, се планира изградба на четврт блок на гас, а работата на останатите два ќе се користи за топлификацијата чија изградба се интензивира во последно време и се планира да бидат поврзани 35 јавни општински објекти.
Преставници од РЕК „Битола“ рекоа дека дури и Германија поради енергетската криза се врати на производството од јаглен, па и Македонија не треба лесно да се откаже од ресурсот што природно го има. Според нив, со длабински копови би се обезбедил јаглен и за следните 30 години, а изградбата на нови објекти за производство на зелена енергија ќе трае повеќе години во кои државата мора да има сигурно производство на струја.
Ж. ЗДРАВКОВСКА