КОМУНАЛНАТА ТАКСА ЗА ЛЕТНИТЕ ТЕРАСИ НА КАФУЛИЊАТА ВО СКОПЈЕ СЕ ВРАЌА НА 15 ДЕНАРИ ЗА КВАДРАТ

    КОМУНАЛНАТА ТАКСА ЗА ЛЕТНИТЕ ТЕРАСИ НА КАФУЛИЊАТА ВО СКОПЈЕ СЕ ВРАЌА НА 15 ДЕНАРИ ЗА КВАДРАТКомуналната такса за кафеанџиите во 2020 беше намалена на 5 денари (Фото: СДК.МК)

    Кафулињата и кафеаните во Скопје повторно ќе плаќаат по 15 денари од квадрат за комунална такса за користење јавна површина за летни тераси. Град Скопје донесе нова одлука со која висината на комуналните такси се враќа како пред пандемијата на ковид-19, кога како мерка за помош на угостителите таксите беа намалени.

    Комуналната такса за кафеанџиите во 2020 беше намалена на пет денари и оттогаш не беше вратена старата цена од 15 денари.

    Во април лани, ексградоначалничката Данела Арсовска предложи точка на седница на Советот на Град Скопје за враќање на старата цена на комуналната такса, но советниците не го поддржаа ова нејзино барање. Тогаш за враќање на старата висина на комуналната такса гласаа само шест советници. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржаа оваа измена, додека на седницата одржана минатата недела гласаа „за“.

    Со новата одлука се зголемува и комуналната такса за фирма, односно назив на деловни простории, која беше намалена од 8.000 денари на 7.000 денари. Сега се враќа во сила истиот износ од 8.000 денари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира