КОНЦЕСИИТЕ ГО НАМАЛИЈА БРОЈОТ НА РИБОКРАДЦИ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ДЕЛ ОД НИВ ЛЕГАЛНО СЕ ВРАБОТИЈА КАКО РИБАРИ, ВЕЛАТ ИНСПЕКТОРИТЕ ПО РИБАРСТВО

    КОНЦЕСИИТЕ ГО НАМАЛИЈА БРОЈОТ НА РИБОКРАДЦИ ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ДЕЛ ОД НИВ ЛЕГАЛНО СЕ ВРАБОТИЈА КАКО РИБАРИ, ВЕЛАТ ИНСПЕКТОРИТЕ ПО РИБАРСТВОМоментално има двајца инспектори и тројца рибочувари, кои заедно со Езерската полиција се задолжени да го заштитуваат рибниот фонд во езерото. (Фото: СДК.МК)

    Давањето на Охридското Езеро под концесија го намали рибокрадството, велат инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство. Досегашното искуство укажувало дека кога не се доделуваат концесии за стопански риболов, рибниот фонд е помалку заштитен и поголема е опасноста од незаконски риболов.

    Контролите на терен биле постојани, и во период кога немало концесионери и сега кога има четири фирми кои стопанисуваат со езерото, но бројот на рибокрадците бил драстично намален. Тоа, според м-р Мирко Укоски, инспектор од областа на рибарство и аквакултура, е поради тоа што сега има контролиран риболов, а дел од оние кои до вчера биле рибокрадци, со добивањето на концесијата имаат можност да бидат легално вработени рибари.

    „Доколку се продолжи со тенденцијата да нема концесионер риболовот како занает ќе изумре. Ќе нема рибари доколку не е дозволено да се лови риба. Дел од нив не знаат ништо друго да работат освен да бидат рибари. Тоа е занает кој е во процес на изумирање доколку се продолжи со постапката да нема концесионери на Охридското Езеро. Концесионерите сега ги вработуваат во фирмата“, вели Укоски.

    Државниот инспекторат за земјоделство преку инспекторите врши контрола на спроведувањето на концесијата согласно договорот за користење, Риболовната основа за Охридско Езеро и Законот за рибарство и аквакултура.

    „Согласно овие три документи, над корисниците на рибите се вршат инспекциски надзори. Во периодот на природен мрест на рибите одредено е време од 30 дена на забрана за лов за секој вид на риба. Соработката со Полициската станица за граничен надзор ‘Охридско Езеро’ е на завидно ниво“, кажува Укоски.

    Укоски вели дека откако корисниците го потпишале договорот за користење со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од инспекторите е извршено пломбирање на мрежите кои ќе ги користат при комерцијалниот риболов, во согласност со член 37 став 3 од Законот за рибарство и аквакултура и правилникот за обележување на пловни објекти и евидентирање на риболовен алат. Корисниците на рибите од Охридско Езеро за комерцијален риболов согласно член 34 став 3 од Законот за рибарство и аквакултура имаат обврска да доставуваат евиденција за уловена риба за вршење на комерцијален риболов на дневна основа.

    „Од страна на корисникот на рибите за рекреативен риболов во присуство на инспектор е извршено одбележување на рекреативните зони. Корисниците за комерцијален риболов не смеат да поставуваат мрежи во рекреативните зони кои се определени во риболовната основа за Охридско Езеро“, вели Укоски.

    Но граѓаните постојано реагираат дека концесиите не го заштитуваат Охридското Eезеро туку напротив, сѐ повеќе има рибокрадци во езерото кои ловат риба пред очите на сите. На социјалните мрежи се објавуваат фотографии и видеа од кајчиња кои ловат риба во зони каде, како што велат, е забрането.

    И статистичките податоци на полицијата потврдуваат дека е намален бројот на криволов по давањето на Охридското Езеро под концесија. (Фото: СДК.МК)

    Според Укоски, дел од снимките биле на места каде нема рекреативни зони оти граѓаните не биле доволно информирани каде сѐ смее или не смее да се лови риба.

    „Во Риболовната основа е дефинирано каде има рекреативни зони. Имаме рекреативна зона на делот од ‘Св. Јован Канео’ до Горица 1. Тука е до 10 метри длабочина, но немаме рекреативна зона кај плажата во Дебарца. Тука рибарите може да поставуваат мрежи и на пониско. Од вака недоволно информирани граѓани се добива лажна слика дека имаме поставување на мрежи и во рекреативни зони“, кажува Укоски.

    Моментално има двајца инспектори и тројца рибочувари, кои заедно со Езерската полиција се задолжени да го заштитуваат рибниот фонд во езерото.

    Во периодот од 1 јануари до 5 мај 2025, извршени се вкупно 101 инспекциски надзори изречени се вкупно 17 прекршочни платни налози издадени 3 решенија со задолжување. Дел од оние кои се фатени во криволов ја платиле глобата, а за дел од нив е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

    Минатата година имало 236 инспекциски надзори, 14 издадени решенија за констатирани неправилности, 16 прекршочни платни налози за глоба за вкупна сума од 230.650 денари, 36 барања за поведување на прекршочна постапка и 7 кривични пријави за незаконит риболов.

    И статистичките податоци на полицијата потврдуваат дека е намален бројот на криволов по давањето на Охридското Езеро под концесија.

    Во првото тромесечие годинава, полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ при Регионален центар за гранични работи „Запад“, но и во соработка со СВР Охрид и инспектор по риба од Државниот инспекторат за граничен надзор, во 33 случаи одзеле 180 рибарски мрежи во должина од 9.770 метри, додека во период лани, во 33 случаи одземени биле 173 рибарски мрежи во должина од 5.090 метри.

    „Во текот на првото тромесечие од 2025 година, пронајдени се и одземени 467 парчиња најразлична риба, во 2024 година, пронајдени се и одземени 4.113 парчиња риба, во 2023 година се пронајдени и одземени 2.638 разновидна риба“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

    Во првото тромесечие од 2025 имало 3 кривични дела за незаконит риболов, 47 прекршоци и приведени две лица. Минатата година немало приведени ниту пак имало откриено кривично дело за незаконит риболов.

    Државата од планираните 7 концесионери досега го издаде Охридското Езеро на четири фирми кои ќе стопанисуваат наредните 12 години на риболовното подрачје на Радожда, Струга, Охрид и Воска. За Калишта се распиша повторно јавен повик кој е во завршна фаза додека за Трпејца и Пештани во тек е жалбена постапка.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира