КРУШЕВЧАНИ НЕМААТ ЛEКАРИ, ОДАТ НА ГИНЕКОЛОГ ВО БИТОЛА, НА ИНТЕРНИСТ ВО ПРИЛЕП, НА ОНКОЛОГ ВО СКОПЈЕ

    КРУШЕВЧАНИ НЕМААТ ЛEКАРИ, ОДАТ НА ГИНЕКОЛОГ ВО БИТОЛА, НА ИНТЕРНИСТ ВО ПРИЛЕП, НА ОНКОЛОГ ВО СКОПЈЕЕдна матична ординација во Крушево опслужува по 2.371 жител, пред повеќе години беше отворена Служба за здравствена заштита на деца, но таа денес нема лекари. (Фото: СДК.МК)

    Човек да стравува да не се разболи зашто тешко се доаѓа до доктор, велат жителите на Крушево, општина со најслаби можности за здравствена заштита во државата според рангирањето што го направи Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).  Истражувањето на ЦГК за достапноста на здравствените услуги во 30 општини во државата е спроведено врз основа на 22 индикатори на медицинските капацитети.

    „Во градот одвај и да имаме лекари. Матичните ординации се бројат на прсти, редици чекаме за преглед посебно во период на грип и вируси како овој. Немаме болница, па ако се разболиме треба да се лекуваме по други градови. За гинеколог и породување патуваме до Битола, на интернист во Прилеп, онколог во Скопје. Ако се вкочаниме во ‘рбетот чекаме да дојде доктор од Прилеп да ни препише вежби, а доаѓа два пати месечно. Да не знае човек што е помачно, болеста или патувањето по лекар“, велат крушевчани.

    Според истражувањето на ЦГК кое се однесува на податоци од 2021, Крушево има најмалку лекари по здравствени региони во државата, само 10. Осумина се во примарната здравствена заштита, а двајца во секундарната. На 839 жители доаѓа по еден лекар. Втор град е во државата по најмалку стоматолози, одвај шест, а има еден заболекар на 1.398 жители. Фармацевти само три. Во градот нема болница, ни центар за јавно здрваје, само Здравствен дом. Според ова, нема ни болнички постели односно хоспитализации.

    Во единствената јавна здравствена установа во Крушево, Здравствениот дом, постојат служби за итна медицинска помош и домашно лекување, специјалистичко-консултативна и за превентивна здравствена заштита. (Фото: ЗД)

    Една матична ординација во Крушево опслужува по 2.371 жител. Ако секој пациент барем еднаш месечно побара некаква здравствена услуга од матичниот, се стигнува до бројка од 107 пациенти на дневна основа или по 13 прегледи во еден час ако докторот нема пауза. Тоа би значело околу 4 до 6 минути на пациент, што навистина е премалку за одредени прегледи.

    „Што да направат, неколку лекари се, не можат да постигнат. Одлучивме децата да ги носиме во приватна ординација за педијатрија во Битола, таму имаат и биохемиска лаборатијата за потребни анализи. Наместо да чекаме со часови пред вратата да ни дојде редот, за тоа време ќе стигнеме до Битола. Навистина е поскапо и подалеку, ама немаш нервози“, вели крушевчанката Ана Николоска.

    Во Крушево пред повеќе години беше отворена Служба за здравствена заштита на деца, но таа денес нема лекари.

    „Во Службата за превентивна и примарна здравствена заштита која ги врши систематските прегледи на деца до 18 години или школски и предшколски деца имаме само три медицински сестри, доктор нема, а прегледите ги вршат докторите од Итната медицинска помош“, велат од Здравствениот дом.

    Во единствената јавна здравствена установа во Крушево, Здравствениот дом, постојат служби за итна медицинска помош и домашно лекување, специјалистичко-консултативна и за превентивна здравствена заштита. Во Итната медицинска помош (ИМП) работат четворица доктори по општа медицина, 13 медицински сестри и шестмина возачи. Тоа е, всушност, службата со најголем број на лекарски кадар. Здравствениот дом располага со целосно опремена биохемиска лабораторија. Има специјалистичка служба за интерна медицина и дијабетологија во која има доктор и сестра, радиолошка служба за рентген снимања, како и прегледи со контраст, ехо апарат со двајца специјалисти по радиологија и двајца рентген техничари со високо образование. Во физикална служба има дипломиран физиотерапевт и терапевтски техничар како постојано вработени, а двапати во месецот доктор доаѓа од Прилеп, врши прегледи и препишува вежби, терапија.

    „Ни недостигаат доктори по општа медицина и специјалисти кои би работеле кај нас. Двајца за ИМП кои би ги испратиле и на специјализација по педијатрија, физикална, интерна медицина. Ни недостига и фармацевт кој би го специјализирале по медицинска биохемија. Капацитет и медицински сестри имаме, но немаме доктори“, велат од Здравствениот дом.

    Посочуваат дека моменталната состојба се должи на тоа што до пред 2016 со години немало вработувања на лекари и специјализации за Крушево.

    „Крушево има мал број лекари-специјалисти бидејки, пред сè, нема интерес кај младите за останување во малите места. До пред некоја година малку студенти завршуваа медицина, а и тие што завршуваа остануваа Скопје или во странство. На специјализација после долго време беше испратен доктор на радилогија дури во 2019 година. Тој сега е специјализиран и работи кај нас. Претходно во 2016 беше испратен стоматолог, а пред тоа со години немаше никој испратено на специјализација, ниту пак вработено доктор“, велат од Здравствениот дом.

    Последните шест години во Домот се вработиле тројца доктори, двајца од нив веќе се испратени на специјализација, а очекуваат согласност за вработување на уште еден лекар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира