КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД СЕ СЛУЧУВА ВО ПРИЛЕП, ТЕАТАРОТ НЕ ПОСТОИ, А ДОБИ НАГРАДА, РЕЧЕ АКТЕРКАТА ДАНИЕЛА ИВАНОСКА ПОДИГАЈЌИ ГО ОПШТИНСКОТО ПРИЗНАНИЕ „3 НОEМВРИ“ ВО ИМЕ НА АНСАМБЛОТ

    КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД СЕ СЛУЧУВА ВО ПРИЛЕП, ТЕАТАРОТ НЕ ПОСТОИ, А ДОБИ НАГРАДА, РЕЧЕ АКТЕРКАТА ДАНИЕЛА ИВАНОСКА ПОДИГАЈЌИ ГО ОПШТИНСКОТО ПРИЗНАНИЕ „3 НОEМВРИ“ ВО ИМЕ НА АНСАМБЛОТ„Прилеп зошто молчиш, граду мој, не можам да те препознаам, ти кој секогаш си бил првата пушка, отпор, херој, молчиш кога пред твоите очи се случува културен геноцид“, рече Иваноска. (Фото: Принтскрин од видео)

    Актерката Даниела Иваноска одржа трогателен говор синоќа на свечената седница на Советот во Прилеп подигајќи ја општинската награда, плакета „3 Ноември“ која му се додели на Народниот театар „Војдан Чернодрински“. Театарот годинава слави 75 години традиција, а пред седум месеци остана без објект зашто бил небезбеден за масовни настани.

    „Ви се извинувам што нема да ви се извинам. Вечерва му се доделува награда на Народниот театар ‘Војдан Чернодрински’, театар кој не постои, во буквална смисла на зборот. Нити како правен субјект, нити како објект. Иронично, да. Трагично? Апсолутно, да! Кога една институција со 75-годишна историја се затвора, а притоа му се доделува награда, јас не знам како поинаку да го објаснам овој феномен, освен како постхумен апсурд! И знаете што е најцинично од сѐ? Театарот не умре, театарот го убија со молк, неодговорност, бирократија, рамнодушност“, рече Иваноска.

    Таа стана уште подиректна во говорот, посочувајќи дека наградата нема да има никакво значење доколку не се засрсмат сите оние кои дозволија да се изгасне светлото на сцената. Додаде дека државата и градот имаат одговорност кон традицијата, наследството, културата и јазикот.

    „Еден град без театар е град без душа. И да културата е скапа, ама некултуратра уште поскапа. Ако покрај сето ова останете индиферентни и глуви, тогаш навистина живееме во едно болно општество на кое му нема спас“, рече Иваноска и праша: „Прилеп зошто молчиш, граду мој, не можам да те препознаам, ти кој секогаш си бил првата пушка, отпор, херој, молчиш кога пред твоите очи се случува културен геноцид“.

    Третоноемвриските награди беа доделени по повод 81-годишнината од ослободувањето на Прилеп.

    Седум месеци претходно, поточно од 25 март годинава, беше забрането користење на театарскиот објектот во Прилеп, зашто Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ) утврдила дека е небезбеден за масовни приредби. Меѓу констатираните недостатоци беа немање хидрантска мрежа, громобрани, систем за дојава на пожари, начинот на отворање и димензиите на вратите, неисправна електрична инсталација и друго. Сите премиери, театарски поставки и други настани од масовен карактер беа одложени на неодредено време.

    Министерот за култура Зоран Љутков тогаш изјави дека недостатоците постепено ќе се отстранат и објектот ќе биде отворен до фестивалот „Војдан Чернодрински“. На 5 јуни,  59.издание на фестивалот беше отворено во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

    Проектот за изградба на нова театарска зграда за Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е готов од крајот на летото 2024, но тој не беше меѓу активностите наведени во соопштението за одлуките што Владата ги донесе на седницата на 1 април, а во врска со прифатената Програма за нови објекти и реконструкција, санација и адаптација на постојните од областа на културата за 2025 година.

    Театарот „Војдан Чернодрински“ е еден од најдобрите во државата, па и пошироко во Регионот. До денеска има подготвено и одиграно околу 400 премиери, кои што ги проследиле над 2 милиони гледачи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира