ЈП „Лајка“ во Скопје ги повикува граѓаните да станат привремени згрижувачи на улични кучиња. Од претпријатието велат дека оваа нивна мерка е со цел да се овозможи хуман третман на бездомните кучиња и зголемување на стапката на вдомување.
„Привременото згрижување претставува краткорочна грижа за куче од прифатилиштето, во домашни услови, сè до негово трајно вдомување. Овој модел овозможува кучињата да се социјализираат, да стекнат рутина и повторно да изградат доверба во луѓето, што значително ги зголемува шансите за успешно вдомување. Како поддршка на згрижувачите, ‘Лајка‘ ќе обезбеди храна за целото времетраење на престојот, комплетна ветеринарна грижа, стручна поддршка и насоки, промоција на кучето за вдомување“, велат од претпријатието.
За пријави или повеќе информации е отворена адресата [email protected], или преку социјалните мрежи на ЈП „Лајка“.
Во Скопје има голем број улични кучиња, а дел од нив се и агресивни и напаѓаат граѓани. Во билтените на Министерството за внатрешни работи (МВР) секој ден има барем по еден случај на човек гризнат од улично куче.
А. АНТЕВСКА



