ЛЕСНОВО ЌЕ СТАНЕ ПРВ ГЕОПАРК ВО МАКЕДОНИЈА СО ПОДДРШКА ОД УНЕСКО

    ЛЕСНОВО ЌЕ СТАНЕ ПРВ ГЕОПАРК ВО МАКЕДОНИЈА СО ПОДДРШКА ОД УНЕСКОВулканските пештери кај Лесново се едно од најпознатите геоприродни обележја на овој регион (Фото: СДК.МК)

    Првиот геопарк во Македонија ќе биде Лесново и ќе го опфаќа регионот меѓу Злетово, Пробиштип и Кратово. Проектот „Да се зачува природата“ ќе биде поддржан од УНЕСКО, а донатор е Швајцарската агенција за развој на туризмот и природното богатство.

    „Овој регион располага со богати геоприродни и културни вредности, почнувајќи од вулканските пештери кај Лесново и истоимениот манастир, еден од најстарите на Балканот. И двете општини располагаат со голем потенцијал за развој на туризмот. Мора да се каже дека доработката на проектот ќе биде само номинација пред УНЕСКО, но сигурна сум дека првиот геопарк во Македонија ќе биде прифатен и реализиран. За почеток, Швајцарската агенција издвои 200.000 франци за активностите до крајот на оваа година“, рече Мирјана Шушлевска, претставник на Швајцарската агенција за развој.

    Првичните програми и елаборати ќе ги изработуваат експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и од општините Пробиштип и Кратово, кои како апликанти, денеска во Штип го потпишаа заедничкиот договор за учество и реализација на првиот геопарк во Македонија.

    Ректорот на „Гоце Делчев“, Блаже Боев, кој е еден од потписниците на договорот, рече дека овој регион е избран со право, но и дека во Македонија можат да се отворат уште два вакви геопаркови, Кожувскиот масив и областа на Алшар, а ваков потенцијал има и во западна Македонија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира