Во индустриската зона Речица, во близина на Куманово, денеска започна изградбата на логистички и дистрибутивен центар на германската компанија „Лидл“. Комплексот се простира на 170 хектари, а самиот објект ќе биде со површина од 64.000 метри квадратни. Инвестицијата е вредна 80 милони евра и ќе се отварат нови 150 работни места.
„Заедно со нашиот тим во Северна Македонија, кој во меѓувреме брои повеќе од 100 вработни, сакаме овде да го имплементираме нашето искуство по највисоките деловни стандарди. Ја избравме локацијата во Куманово поради добите услови кои ги понуди Општината, но и добрата местоположба и инфраструктура, за да можеме брзо и директно да ги снабдуваме нашите идни филијали во Северна Македонија, за да можеме на нашите клиенти да им понудиме свежи производи секој ден. Во изградбата на логистичкиот центар ќе инвестираме околу 80 милиони евра, по најсовремени и најиновативни градежни стандарди, сите аспекти на одржливост што подразбира инвестирање во зелена енергија, рециклирање на сметот, намалување на пластика во производите и друго“, кажа генералниот директор Рубријан Хаџиев, кој најави долгорочна и фер соработка со локалните производители.
Во комплексот ќе бидат инсталирани фотоволтаични панели со вкупна моќност од 1,7 мегават часови, како дополнителна инфраструктура во 100 паркинг места за камиони и 70 паркинг места за автомобили.
Германскиот гигант „Лидл“ е застапен во 30 земји светот со 12.000 маркети и 360 илјади вработени. Компанијата веќе почнала да извезува македонски производи во синџирот во регионот.
„Лидл“ ја купи парцелата во индустриската зона во Речица лани во септември, а земјиштето со површина од 17 хектари го плати 5,3 милиони евра. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот Фатмир Битиќи, како и градоначалникот Максим Димитриевски, кажаа дека две години биле потребни за да се завршат сите законски процедури за да дојде до почнување на изградбата на овој комплекс.
Индустриската зона Речица се наоѓа на Коридорот 10 на автопатот на Куманово-Табановце, засега има отворено 5 фирми, од кои 2 се странски.
С. НИКОЛИЌ